Претседателот Ѓорге Иванов денес го додели признанието “Најдобар млад научник” за 2014 година за врвни научни достигнувања. Признанието се доделува веќе петта година а има за цел да го поттикне развојот на научната и истражувачката мисла кај младите.
Добитник на признанието за минатата година е м-р Даниел Денковски. Иако релативно млад, м-р Даниел Денковски зад себе има учество како соработник во пет европски FP7 проекти и еден НАТО проект. Денковски е добитник на награда за учество во реализација, интеграција и презентација на најдобра демоплатформа: "Constructing Radio Environment Maps with Heterogeneous Spectrum Sensors", IЕЕE International Symposium on Dynamic Spectrum Access Networks 2011. Даниел Денковски е коавтор на 1 патент, 2 поглавја од книги, 6 објавени труда во списанија со импакт-фактор, 3 објавени труда во списанија без импакт-фактор и 27 труда презентирани на меѓународни и домашни конференции.
Поранешни добитници на ова признание се м-р Никола Златанов за 2010 година, м-р Трифче Сандев за 2011 година, м-р Катерина Бачева за 2012 година и м-р Петар Стојанов за 2013 година.
Проектот “Најдобар млад научник“ ги опфаќа сите млади луѓе до 30 години кои се занимаваат со наука и научни истражувања, и кои во досегашната научна работа имаат постигнато одреден научен резултат. Покрај овој основен критериум, лицето кое е кандидат да го понесе епитетот “Најмлад научник“ за тековната година, треба да достави доказ дека исполнува еден или повеќе од наведените дополнителни критериуми, а тоа се:
• добиена меѓународна награда за научно - истражувачка дејност,
• добиено меѓународно признание за научно - истражувачка дејност,
• добиена домашна награда за научно - истражувачка дејност,
• добиено домашно признание за научно - истражувачка дејност,
• објавени резултати од научно истражување во релевантно меѓународно списание,
• објавени резултати од научно истражување во релевантно домашно списание,
• степенот на применливост на резултатите од научното истражување.