Рубрика: Омнибус
Имате иновативен производ - дознајте како да го финансирате!
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 24.02.2015 - 21:14

На 2-ри март, понеделник, во Салон 19,19, со почеток во 10 часот е најавен првиот промотивен настан на Фондот за иновации и технолошки развој по повод отворање на повикот за Инструментот кофинансирани грантови за старт-ап, спин-оф трговски друштва и иновации.
Темата на настанот е “Можности за финансирање на иновативни проекти на старт-ап и спин-оф компании“, а целта е запознавање со можностите за развој на иновативни идеи преку програмите на Фондот за иновации и технолошки развој, како и споделување на успешни иновациски приказни од регионот.
На настанот свое излагање ќе имаат претставници од Фондот за иновациска дејност на Србија, кои ќе ги претстават своите искуства во финансиската поддршка на иновациите. Успешните приказни на српски иноватори и претприемачи, кои со помош на државно финансирање успеале да ги развијат своите иновативни идеи, ќе ги раскажат и претстават Наталија Сандиќ, самостоен стручен советник при Фондот за иновациска дејност на Србија, Иван Глигоријевиќ, соосновач на компанијата mBrainTrain и менаџер на проектот “Smarting” – EEG Walks you Home и Марјан Благојевиќ, директор на компанијата Sentronis одговорна за проект “Development and Commercialization of Clip-Around DC/AC Current Transducers“. Свое излагање ќе има и д-р Петар Моѓуроши, експерт во областа на управување со иновации, соработка меѓу индустријата и истражувачката дејност, како и трансфер на технологии.
Настанот е организиран со поддршка на Град Скопје.
Бројот на местата е ограничен и доколку сакате да присуствувате потребно е да го пријавите вашето присуство најдоцна до 26.2.2015 (четврток). Ова може да го направите преку електронска пошта на адресата bojana.trajkovska@fitr.mk, или преку телефон, на 3145-258 (лице за контакт - Бојана Трајковска).

Клучни зборови: