Вчера, 17.2. 2015 г., на заедничка прес конференција директорката на Фондот за иновации и технолошки развој, Јасмина Поповска, и вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, го најавија првиот повик за инструментот кофинансирани грантови за старт-ап и спин-оф претпријатија и иновации.
Инструментот е наменет за финансирање на новоосновани претпријатија коишто постојат најмногу 6 години, микро, мали и средни претпријатија регистрирани во Република Македонија, а е со цел поттикнување на иновативноста кај претпријатија, имплементирање на иновативни решенија и поддршка на претпријатија кои имаат висок потенцијал за раст.
За овој повик се обезбедени средства во износ од 600 000 евра.
Фондот за иновации и технолошки развој располага со вкупно четири инструменти, за кои оваа година се предвидени средства во износ од 2 280 000 евра. Во текот на годината, ќе се објават јавни повици за сите инструменти, вклучувајќи уште еден повик за доделување на кофинансирани грантови за старт-ап и спин-оф претпријатија и иновации.
Директорката на Фондот за иновации Јасмина Поповска информираше дека старт-ап и спин-оф претпријатија што ќе се пријават на повикот ќе може да добијат најмногу до 30 000 евра. Фондот ќе финансира 85 проценти од вкупните трошоци на проектите. Целта е да се зголеми иновативноста кај македонските претпријатија, но и да се поттикне примената на научно истражувачки проекти од универзитетите во комерцијалниот дел преку формирање спин-оф претпријатија.
“Ги охрабруваме сите микро, мали и средни претпријатија, новоосновани претпријатија кои постојат најмногу 6 години, спин-оф претпријатија кои се во доминантна сопственост домашни претпријатија на македонски граѓани да аплицираат за поддршка од Фондот и да ги реализираат своите иновативни проекти кои имаат потенцијал за комерцијализација”, – рече Поповска.
Повикот, со условите и методологијата за оценка на апликациите, денес е објавен на веб-страницата на Фондот за иновации, а ќе биде објавен и во печатените медиуми Фондот за иновации во наредниот период во поголемите општини ќе организира информативни настани за начинот на добивање финансиска поддршка.