Рубрика: Омнибус
Ноктите се огледало на здравјето
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 05.02.2015 - 11:23

Ноктите не се само украс на нашите раце. Тие се и огледало на здравјето, а нивниот лош изглед може да открие и многу здравствени проблеми. Идеален изглед на ноктите и рацете може да се постигне и на природен начин, без непотребни трошоци. Колку и да се различни мислењата околу ова, сепак најубави се негуваните и здрави нокти.

Познато е дека убавината доаѓа однатре. Поради тоа, правилната исхрана е темел за здрави и убави нокти. Дадената табела ги прикажува можните причини за проблеми со ноктите и нуди потенцијални решенија на природен начин. Ако се сомневате дека состојбата на вашите нокти укажува на сериозен здравствен проблем, најдобро е да се обратите на лекар.

Како да го забрзаме растењето на ноктите?
Правилната исхрана и избегнувањето на одредени надворешни влијанија може да го забрзаат растењето и да го подобрат квалитетот на ноктите. Екстремните диети, студот и недостатокот на протеини негативно влијаат врз растот и изгледот на ноктите. Потребно е да се внесуваат доволно витамини и минерали како што се: сулфур, железо, силициум, цинк, есенцијални масни киселини и витамини Д, А и Е. Задолжително да се зголеми и внесот на калциум.
Витаминот Д е потребен за цврстина и раст на ноктите. Најдобар начин да се снабдите со овој витамин е редовно изложување на сонце.
Витаминот Ц го поттикнува производството на колаген, ја прави кожата поубава и поцврста и го поттикнува растот на ноктите. Го има во лимонот, дињата, пиперките, карфиолот, портокалите, јагодите, кивито. Може да конзумирате и протеински шејк или квалитетни мултивитамини.
Циркулацијата во прстите е многу битна, па затоа обидете се да ги движите што почесто, на пример со типкање, свиткување, ширење, стегање или гимнастика.

Лакирање на ноктите
Лакирањето негативно делува на здравјето на ноктите, па затоа повремено направете пауза од лакирање, не користете ацетон пречесто бидејќи ги суши ноктите или користете лакови кои не содржат толуен, формалдехид и дибутил фталат.
Висока доза толуен може да резултира со иритација на очите и респираторниот систем, а преголеми количини до деменција и оштетување на мозокот. Формалдехидот е еден од главните алергени и е причина за контактен дерматитис. Дибутил фталатот дава трајност на лаковите, но негативно влијае на тироидната жлезда и може да го оневозможи нормалниот развој на мозокот. Исто така, лошо влијае и на функцијата на црниот дроб и метаболизмот.

Нега на рацете
Цврсти и убави нокти подобро изгледаат на негувани раце и нозе. Избегнувајте претерано ладно и топло, детергенти, киселини и хемиски супстанции. Користете заштитни ракавици за чистење. Пред спиење намачкајте ги со маслиново масло и ставете памучни ракавици доколку имате многу сува кожа.
Корисни совети: Не очекувајте резултат преку ноќ, не грицкајте ги ноктите, одржувајте хигиена, одржувајте го природниот облик и секоја вечер користете крема или масло.