Познатиот германски добавувач на системи за управување на моторите од автомобилите Бош (BOSCH) заради дефинирање на својата производна стратегија, постојано ги следи навиките на купувачите на автомобили секаде во светот од аспект на тоа каков мотор избираат за своето ново возило. Резултатите се интересни и, накратко, се следниве: секое петто ново возило во Јапонија е хибридно, Во Кина преовладуваат бензинските мотори, а во Европа и Индија дизелските мотори. Но да ги прикажеме подетално резултатите, кои се мошне интересни.
Бензински мотори: Овие се најпопуларните мотори во светот. Води Кина, речиси 100% од новите автомобили се опремени со бензински мотори. За кинескиот купувач овие мотори се закон. Во САД и во Јапонија оваа бројка се движи околу 75%. Од нив, околу 40% се мотори со директно вбризгување на горивото. Исто така, на цена се down size моторите, кои во комбинација со директното вбризгување на горивото, може да доведат до заштеда на горивото и до 15%. Сè повеќе бензински мотори се опремуваат и со турбо полнач, кој го наголемува вртежниот момент на моторот, што директно го подобрува забрзувањето на автомобилот.
Дизелски мотори: Во ЕУ и Индија секој втор нов автомобил е со дизелски мотор. Овие мотори стануваат сè попопуларни и на другите пазари, како на пример во САД. Бош проценува дека на овој пазар застапеноста на дизелските мотори ќе се наголеми од моменталните 3%, дури на 10% во 2018 година. Овие мотори стануваат сè попопуларни и во Јужна Кореја. За европјаните, предностите на дизелските мотори се јасни: модерниот дизелски мотор троши и до 25% помалку гориво од споредбен бензински мотор, а вртежниот момент е поголем и до 40%.
Хибридни и електрични возила: Јапонија е предводник во електрификацијата на автомобилот – секое петто ново возило е хибрид. Бош прогнозира дека до 2020 година, во светот, од 113 милиони продадени возила, 6,5 милиони би биле хибридни, 3 милиони plug-in хибриди, а 2,5 милиони би биле целосно електрични автомобили (се разбира, до 2020 година да се постигне бројката од 113 милиони продадени нови возила низ целиот свет).
Флексибилни горива: Погонските мотори коишто се задвижуваат и на бензин и на алкохол (етанол) најмногу се познати и користени во Бразил. Вториот најзначаен пазар за овие мотори се САД. Возачите се понезависни затоа што таквиот флексибилен систем на гориво им допушта да го користат поевтиниот етанол.
CNG (компримиран природен гас): Погонските мотори коишто го користат ова гориво стануваат сè попопуларни. Веќе 10 години продажбата на светско ниво расте за 25%. Во Јужна Кореја, уделот на пазарот е 11%. CNG е до 50% поевтин од бензинот, а емисијата на CO2 е намалена и до 25%.