Рубрика: Информатика
Анимирана новогодишна магија
Автор: Зоран Ивановски
Објавено на 24.12.2014 - 12:45

Нема нешто што така добро и природно ќе се вклопи во предновогодишната атмосфера како тематски screensaver. Доколку се сложувате со констатацијата, погледнете го нашиот предлог.

Animated Christmas Screensaver Pack е пакет од 5 бесплатни анимирани скринсејвери со новогодишна и божиќна тематика. Нема сомнение дека ќе ви се допаднат веќе на прв поглед – колоритноста, мазната анимација и симпатичната графика не оставаат простор за приговор. Се водело сметка за деталите, со што е отстапено од стереотипите што сме ги сретнувале досега (на пример, акумулирање снег на одредена сцена и слично). Тридимензионалноста на просторот е многу пореалистична, а кон тоа придонесуваат и спомнатите ситни детали – на пример, снегот, движењата на луѓето, треперењето на сијаличките, лисјата... Статичноста е сведена на минимум, и воглавно се однесува на позадината.
Во ред, мала замерка би можеле да дадеме на резолуцијата која би можела да биде и поголема, со што би се добило и на острината на деталите. Не сретнавме податок колкава, но според приказот, 1366x768 е горната граница.
Пакетот можете да го преземете на следниов линк: http://animatedchristmasscreensavers.com/. За да се преземат сите 5 скринсејвери (или поединечно кој сакате), потребно е најнапред да се преземе и да се инсталира мала извршна (и потполно безопасна) апликација, која ги содржи линковите од секој screensaver поединечно. Откако ќе ги преземете, потребно е секој поединечно да се инсталира (со десен клик на глувчето и избирање на опцијата за инсталација).
Конечно, ќе ви побара код за активација, но не грижете се – претходно веќе ќе бидете известени за тоа, а кодот БЕСПЛАТНО ќе го добиете доколку на вашиот Фејсбук-профил го споделите линкот кон сајтот на овој пакет. Маркетинг по секоја цена, но сепак вреди.

Winter Wonderland
Темата на овој скринсејвер е божиќно/новогодишно предвечерие со поглед кон завеано село во снег. Сцената изобилува со анимирани детали, трае околу 1 минута и се повторува одново.

White Christmas
Сцената се врти околу една симпатична, во снег завеана куќа, надвор од село. Ја карактеризира навистина убава графика и колоритност, повторно со богатство на детали.

Snow Village
Во предвечерието на Нова година/Божиќ, жителите на едно мало место се во голема раздвиженост по шеталиштето, кон локалната црква и сл. Особено интересна е сцената на замрзнатата река што децата ја користат како лизгалиште.

Christmass evening
Сцената се одвива во внатрешноста на домот, поточно околу убавата божиќна декорација којашто е претставена со мноштво ситни детали – авторите тука особено се потрудиле. Повторно преовладува прекрасната игра на бои, а целиот впечаток го дополнува дискретниот поглед низ прозорецот, каде што се гледа сцената од малото населено место.

Santa Claus
Сцена низ која доминира Дедо Мраз со своите ирваси и санката со подароци. Надлетува низ заспаното мало место (снегот се подразбира) и слетува за да ги подели подароците.

Клучни зборови: