Cocoon е уред којшто го поедноставува обезбедувањето на домот. Домашните алармни системи типично повеќе ги нервираат домаќините отколку што ги плашат натрапниците, тие се циркус од гласни сирени, зуења и светлосни трепети коишто честопати се вклучуваат кога е тоа најмалку потребно, а не и за моментот кога се наменети.
Компанијата Cocoon ветува дека ќе ги замени сите непријатни ѕвона, сирени и жици со уред со големина на тениско топче. Уредот се заснова на апликација со инфразвучна технологија, употребувајќи сензори коишто детектираат звучни фреквенции под 20Hz. Оваа технологија што вообичаено се користи во сеизмологијата овозможува надгледување на целата куќа, независно од тоа каде во неа се наоѓа уредот.
Според производителот, од моментот кога Cocoon ќе се поврзе со безжичната мрежа во домот и апликацијата ќе се активира, уредот минува низ фаза на учење, којашто може да трае од две до неколку недели. Притоа тој “учи” кои звуци се нормални/типични за вашиот дом, а кои не. Уредот се активира штом ќе детектира нешто надвор од вообичаеното, јавувајќи се на вашиот мобилен телефон (смартфон), истовремено испраќајќи ви видео сигнал од вградената камера и аудио сигнал од вградениот микрофон - ќе имате пренос во живо од перформансот на крадците во вашиот стан! Притоа се вклучува и сирената вградена во Cocoon, доволно гласна да ги уплаши крадците.
Уредот ќе стане достапен некаде во втората половина на следната година, но возможно е да направите преднарачка на сајтот на Indiegogo, каде што чини нешто помалку од 150 американски долари.
Повеќе за уредот на https://cocoon.life/details/