Германскиот ZF може да се пофали со нов автоматски менувач со 9 брзини, наменет за автомобили, пред сè од компактната класа со попречно поставен мотор во предниот дел на автомобилот. Името на менувачот е 9HP и е наследник на автоматскиот менувач 8HP. Деветте брзини имаат многу мал чекор на две соседни брзини, што овозможува уште подобро приспособување кон влечната хипербола. Ова, во комбинација со другите иновативни решенија, како намалување на загубите во планетарните слогови, перфектното управување на менувачот и неговата врвна изработка, доведуваат до намалување на потрошувачката на гориво за неверојатни 16% при возење со константна брзина од 120 km/h. Исто така, значително е намалена бучавата што ја произведува менувачот, што придонесува за наголемување на удобноста при возењето. Благодарение на деветте брзини, моторот секогаш работи во идеалниот распон на неговата брзина, што придонесува за максимално искористување што се огледува или во намалување на потрошувачката на гориво или во постигнување на максималните перформанси.
Секако, менувачот може да се вгради и во SUV возилата, како и да се вгради во возила со погон на сите четири тркала. Типот на возењето може да се избере од нормално и економично, па сè до спортско и исклучително агресивно возење.
Принципот на градба на менувачот е модуларен, а тоа значи дека може да се надградува со дополнителни или подобрени модули кои уште повеќе ја наголемуваат неговата ефикасност и флексибилност, што е од многу големо значење за намалување на трошоците при неговиот развој, а е овозможено широко поле на примена уште на почетокот. Се разбира, како стандардна опција вграден е модулот Start- Stop.