Рубрика: Информатика
In memoriam Microsoft Clipart (1993 – 2014)
Автор: Зоран Ивановски
Објавено на 11.12.2014 - 11:15

По долго и верно служење на корисниците, на почетокот на декември оваа година, на 21 годишна возраст отиде во легендите популарниот, симпатичен и безмалку неприкосновен Clip Art, неизбежен дел од Microsoft Word почнувајќи од верзијата 6.0 па се до последната (2014). Неговата улога ја наследува Bing Image Search, кој ќе има тешка задача да чекори по стапките на претходникот и да ја достигне неговата слава. Не е позната вистинската причина за овој потег на Microsoft, кој веќе го исфрли Clip Art и од Office.com, неговиот сајт со онлајн Cloud апликациите. Овој драстичен и неочекуван рез е објавен на блог од страна одговорните во Microsoft. Со Bing Image Search, како што тврдат во Microsoft, на корисниците на Office пакетите ќе им се овозможи пристап до далеку поголема низа на бесплатни слики/фотографии за разлика од иконовидната колекција на Clip Art. Од друга страна, сè уште ќе се јавува потреба од сликички во вид на векторска графика, во “клипарт” стил. За тоа се свесни во Microsoft и како решение ќе воведат своевиден “заеднички креативен (Creative Commons) филтер”, со кој значително ќе се прошири библиотеката на бесплатни слики достапна за корисниците. Воедно, Microsoft повеќе нема да мора да плаќа изработка на сопствена уметност, туку на корисниците ќе им овозможи пристап до цела бесплатна уметност која е на располагање на интернет. Кога и Microsoft стигна да крати и штеди…☺. Дали со овој потег ќе дојде до поефтинување на Office пакетот ќе покаже наредната негова верзија. А дека ќе се ослободи простор на хард дискот е факт, но колку тоа ќе им значи на корисниците земајќи ги предвид капацитетите на модерните хард дискови?! Инаку, Clip Art колекцијата за прв пат беше претставена во Microsoft Word 6.0 во далечната 1993-та година и до ден денес беше како еден вид реликвија ☺. Приложената фотографија нека ве потсети на едни не така далечни и убави времиња, кога PC беше новитет, како и секој софтверски пакет. И нека ви измами носталгична воздишка!