Со успех се позлати мотото на велешки "Брако" (“Брако – Потпис за успех”) со неодамнешната јавна промоција на првиот македонски комунален камион. Ова е голем дeн за македонското стопанство затоа што конечно и Македонија влезе на ексклузивната карта на производители на моторни возила за специјална намена.
Имено, се работи за производство на комунален камион за чистење смет од асфалтирани улици. Капацитетот на камионот е околу 70 000 m2 асфалтирана површина за еден час. Сметот се насочува со две челични четки, а потоа се вшмукува со помош на вакуумски систем. Значи, има комбиниран систем за транспорт на сметот, што е за првпат применето во овој камион. Досегашните вакви камиони транспортот на сметот го изведуваа или само механички или само вакуумски. Потоа сметот се складира во контејнер за смет, во рамките на самиот камион кој е со зафатнина од 5,5 m3 или околу 5 тони смет. Воздухот во текот на својот пат по “лавиринтите” на камионот неколкупати се филтрира и како чист се испушта во атмосферата. Инаку, камионот е сложен систем од механика, електрика, хидраулика, софтвер за управување и програми за истиот тој софтвер, што сè заедно прави да имаме вистински технолошки бисер од сферата на комуналните возила. Моторот е на познатиот "Мерцедес", кој е со моќност од 176 КС и го задоволува екостандардот EURO 4. Сето ова укажува дека се работи за висок техничко-технолошки производ, за кој сите во Македонија треба да сме горди.
Сè започнало пред 3-4 години, кога велешки "Брако" склучил договор со италијанската фабрика за производство на вакви возила, "Биострада", со која започнуваат со производство на делови наменети за нивните потреби. Тие делови се: шасии, разни транспортни системи, држачи за врати, браници и други метални компоненти, кои се вкупно 800 на број. Подоцна намерата била наместо овие компоненти да патуваат за Италија, производството на камионот да се реализира во "Брако". Следува посета на стручни лица од велешки "Брако" во фабриката во Италија на обука, а резултатот е познат: успешно е произведен првиот примерок на овој високософистициран камион.
Првите произведени камиони се наменети за извоз во Катар и Италија, но најавуваат дека и на македонските улици ќе ги видиме овие исклучително корисни комунални камиони.
Им честитаме на раководниот тим и на вработените во велешки "Брако" за овој нивен голем успех и им пожелуваме уште многу вакви и уште поголеми успеси.