Рубрика: Информатика
45 години од првата порака пратена преку компјутер
Автор: Емилијан Иљоски
Објавено на 29.10.2014 - 21:36

Првата порака од компјутер до компјутер беше пратена на 29. октомври 1969 година преку ARPANET (Advanced Research Projects Agency Network), претходникот на интернетот. Мрежата ARPANET е оснивана од тогашната ARPA (Advanced Research Projects Agency – денес DARPA), огранокот за научни истражувања на министерството за одбрана на САД. Таа беше наменета за да се користи во проекти на универзитетите и научните лаборатории.
Првата порака беше испратена од студентот Клајн (Charles S. Kline) од универзитетот УКЛА (UCLA – Лос Анџелес, Калифорнија, САД) во 10:30 часот навечер. Текстот на пораката требаше да биде “Login” но само буквите L и O беа пренесени пред да падне системот. Значи, на овој датум се случи и првиот пад на мрежата, еден од многите до денешен ден! После еден час, врската беше повторно воспоставена и конечно зборот “Login” стигна на своето одредиште. Месец дена подоцна, поточно на 5. декември 1969, мрежата броеше 4 (и со букви: четири) компјутери.
Инаку целиот "пакет" од хардвер и софтвер на првобитната ARPANET е базиран на нацртите на британскиот научник Доналд Дејвис (Donald Davies, 1924 – 2000) и Американецот Лоренс Робертс (Lawrence Roberts, 1937 - ) со употреба на тогаш иновативната техника наречена “packet switching” која се состои од групирање на податоците во блокови со соодветна должина наречени "пакети".
Повеќе информации на: http://www.darpa.mil/

Клучни зборови: