Големи проблеми во градските средини предизвикуваат комерцијалните возила (доставни, комунални и сл.) погонувани од класичен дизелски мотор, во смисла на големо загадување на средината во којашто се движат. Шведската фирма “Волво” на пат е значително да го ублажи, па дури и да го елиминира овој горлив проблем. Имено, следната година ќе почне со производство на камиони погонувани од мотор со внатрешно согорување со принудно палење (свеќичка), којшто како гориво ќе користи метан или природен гас (CNG). Моторот е особено погоден за режим кој подразбира чести застанувања и тргнувања и поминување на релативно кратки релации (доставни возила, возила за собирање смет и сл.). Впрегнат со автоматски менувач, што е особено погодно за овој тип на експлоатација на камионите.
При согорувањето, метанот не испушта непријатни миризби и содржи многу мали количини штетни честички. Згора на тоа, согорувањето на метанот е многу почисто од согорувањето на дизелското гориво. Доколку метанот се добие од биогас (значи, обновливо гориво), тогаш емисијата на CO2 е намалена за цели 70% во однос на дизелското гориво, што е многу добар резултат кој може да претставува долгорочно решение на овој проблем. Имено, во развиените земји сè почесто се поставува како услов за реализирање на купувањето на овој вид комерцијални возила, тие како погон да користат обновливи извори на енергија. Резервоарите можат да примат до 160 m3 некомпримиран метан.
Моторот е со зафатнина од 9 литри и испорачува вртежен момент од 1356 Nm. Има силина од 320 КС. Без проблеми ги задоволува нормите Euro 6 за загадување од издувните гасови.
Сериското производство на Volvo FE CNG започнува во 2015 година, а продажбата е веќе почната.