Како што најавивме Тесла конвојот 2014 со возилото Тесла Модел С викендов, од 19 до 21 септември, пропатува низ Македонија. Иако првично беше планирано карванот да се задржи samo во Скопје и Тетово, поради тоа што еден од организаторите е Универзитетот на југоисточна Европа, на задоволство на огромната публика посетата беше проширена на повеќе дестинации.
Така како што беше планирано по посетата на електротехничкиот и машинскиот факултет на 19. септември, на 20. Тесла конвојот 2014 пристигна на градскиот плоштад во Скопје. Тука го дочекаа претставници од Електрообилност, Универзитетот на југоисточна Европа, ФЕИТ, Народна Техника, како и мноштво новинари и љубопитници, но и градоначалникот на град Скопје, г. Коце Трајановски.
“- Градот Скопје се вклучи во Неделата на мобилност бреку голем број на настани и проекти, а данеска се вклучуваме во иницијативата “Тесла конвој 2014“ за промоција на бенефитите од користењето на електромобилите. Овие возила се еколошки и не загадуваат, не прават бучава, а имаат и голем економски бенефити. Ова возило со едно полнење од 85 киловат часови може да помине околу 400 километри, што би чинело околу 350 денари”, рече Трајановски.
Во промовирањето на алтернативните начини за погонување на превозните средства на плоштадот Македонија на моделот Тесла С му се приклучи и првиот хибриден теренец од Мицубиши Outlander Phev, како и новите електрични возила и велосипеди наменети за превоз на туристи во сопственост на градот Скопје. При претставуваањето на двата автомобила на радост на публиката секој доби можност да погледне во внатрешноста на автомобилите, да седне во нив и да погледне под хаубата.
Првпат за моделите на Тесла Моторс ЕМИТЕР пишуваше во бројот 12/2006, кога на читателите им го претстави моделот Тесла Родстер. Моделот S Signature Performancе, којшто ја посети Македонија е погонуван од 310 W трифазен електромотор којшто ја движи задната оска. Притоа тој има максимален момент на вртежи од 610 Nm, постигнува брзина од 100 km/h за 4,3 секунди, а максималната брзина е околу 180 km/h. Моделите на Тесла Моторс веќе изградија репутација на издржливост на батеријата, па така и овој модел е во можност да помине цели 480 километри со само едно полнење на акумулаторот. Револуционерниот луксузен електромобил Tesla Model S којшто пристигна на плоштадот e во сопственост на Хрватскиот претприемач и инвеститор Саша Цвeтојевиќ.
За разлика од целосно електричниот модел C на Тесла Моторс, теренецот од Мицубиши Outlander Phev e хибридно возило. Според податоците се работи за најпродавано хибридно возило во Европски рамки во првата половина на оваа година.
По претставувањето на плоштадот Македонија, двете возила се упатија кон платото пред седиштето на Универзитетот на југоисточна Европа во Скопје. Тука министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, присуствуваше на промоцијата на првата станица за полнење на електрични возила во Македонија. Притоа тој изјави:
“- Мудриот избор во видот на превозното средство е одлука која зависи од нас самите и која придонесува кон “здрава” животна средина. Со својот избор се грижиме и за нашите поколенија и ја докажуваме својата одговорност.”
Станицата за полнење на електрични велосипеди, скутери и помали електрични возила ќе ја добие својата полна функционалност наскоро и се очекува да го популаризира изборот за користење на вакви превозни средства во урбаните средини.
По ова возилото се упати на пат кон источна Македонија и презентација за подигање на свеста за искористување на алтернативните извори на енергија за превозните ссредства имаше и во Струмица, Валандово, Гевгелија.
На 21. септември конвојот продолжи за Тетово, каде имаше уште една презентација во тамошниот кампус на СЕЕУ. Топло добредојде во Тетово им посама градоначалникот Теута Арифи а општината се приклучи на иницијативата со претставување на означени места за поставување на станици за полнење на електрични возила.
По посетата на Тетово конвојот продолжи за Приштина, а од таму продолжува за Тирана и Црна гора, за да направи круг назад кон Загреб. Ова беше одлична можност за граѓаните на Македонија да се запознаат со технолошките достигнувања и да го прифатат електричниот бран кој доаѓа.
Иницијативата Тесла конвој 2014 и електричното возило Тесла модел С се презентираа како дел од активностите на Европската недела на мобилност. ЕМИТЕР е дел од оваа иницијатива со изработка на повеќе станици за полнење на електрични велосипеди, мопеди и автомобили коишто ќе бидат поставени на неколку локации во Македонија.
Тесла конвојот 2014, чиј предводник е електричното возило Тесла Модел С, е во организација на ЕМКИЦЕ, ИНСАКО, СЕЕУ техонолшкиот парк, ИЛУМИНЕ, а локален партнер на активностите на Конвојот низ дел од Македонија е тимот на НВО Електромобилност Македонија.