Денес, со почеток во 11 часот, на кампусот на Електротехничкиот и Машинскиот факултет, како дел од глобалниот настан "Европска недела на мобилноста”, ќе се одржи настанот "Електричен полигон“. Настанот се организира на иницијатива на "Електромобилност Македонија" во соработка со Машинскиот и Електротехничкиот факултет, како и секторот за екологија при град Скопје, училиштата во општина Карпош, општина Карпош и ЈП Градски паркинзи.
Во рамките на настанот, на којшто учество ќе земат и 50-ина деца од две oсновни училишта, планирана е и едукативна сесија за електричните возила преку која младите ќе се запознаат со трендовите во мобилноста, со особен осврт на свесноста за зачувување на животната средина. Учениците ќе бидат во можност да ги возат електричните велосипеди, електричните скутери и малите електрични возила изложени на паркинг-полигонот на кампусот. Електричниот полигон е најава и пречек за "Конвојот на Тесла" 2014, предводен од електричното возило "Тесла С", коешто е планирано да пристигне на кампусот на Електромашинскиот факултет по 15 часот. Тимот на НВО "Електромобилност Македонија" е локален партнер и коорганизатор на активностите на конвојот низ Македонија. Конвојот тргнува од Загреб, преку Белград и Ниш, минува низ Македонија, за преку Косово, Албанија и Црна Гора да се врати назад до Загреб.
Целта на конвојот е да се промовира "Теслината светска мрежа на иновации" ("World Tesla Innovations Network - TIN"), Научниот центар "Тесла" на САД и претстојниот натпревар "Новото нешто од Тесла" (“The New Tesla Thing”) и "Дизајнирај сопствено електрично возило" ("Design your EV".) Покрај ова, конвојот се труди да ја подигне свесноста за возилата со електричен погон и да создаде т.н. зелена рута, мрежа од станици за напојување. И секако, конвојот има и промотивна цел за да ги претстави иновативните технологии од автомобилската индустрија и јавно достапните патенти и иновации од компанијата "Тесла Моторс", којашто се наметна како лидер во производството на целосно електрични автомобили.
На 20. септември 2014, "Конвојот на Тесла 2014" ќе продефилира на градскиот плоштад во Скопје. Настанот е закажан со почеток од 10:30, а ќе бидат изложени и други електрични и хибридни возила. ЕМИТЕР активно се вклучува во овој настан преку дизајн и изработка на наменски полначи за електрични велосипеди и скутери коишто ќе бидат поставени на одредени локации. Една ваква електрична станица за полнење ќе биде поставена пред просториите на Универзитетот на југоисточна Европа во Скопје, а во иднина и на други локации, во насока на промоција и популаризирање на електричните возила.
НВО "Електромобилност" ги повикува сите заинтересирани граѓани да дојдат и да бидат дел од двата настана на 19 септември, а ден потоа и настанот на плоштадот на 20 септември, каде што заедно ќе се дружиме. Воедно ги повикуваме граѓаните на Македонија да се вклучат во иницијатива "Европска недела на мобилноста“ и да ги остават своите возила во наредните неколку дена, особено на 22 септември 2014, кога е предвидено да се одбележи настанот "Ден без автомобили”, во кој активно учество ќе земат членовите на "Електромобилност Македонија".