Рубрика: Металство и машинство
Моќта на инженерите
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 18.09.2014 - 12:20

Инженерите (без исклучок, од сите профили и категории) се секогаш првоповиканите секаде каде што има проблеми за решавање од каква било природа. Да се создаде машина за извршување на некоја работа, да се поправи некој систем што се расипал, да се произведе производ којшто му служи на човекот и му го олеснува секојдневието и редица други нешта, е секојдневна задача и работа на инженерите. Да се биде инженер не е мала работа. Тие се фино избрусени, скапоцени камења кои се вистинска реткост. Во економијата на секоја земја секогаш има потреба од инженер повеќе. Така било, така е и така ќе биде во иднина.
Единствено инженерите вооружени со сознанијата од науката, со својата работа се способни да го поместат светот во позитивна насока. Тие се мозокот на машините. Материјалните благодати што ги уживаме како цивилизација се продукт на инженерите. Тие сонот го претвораат во јаве. Решавање на некој проблем од сферата на техниката, типично креативна работа од типот на проектирање, конструирање или дизајнирање на некој нов производ, одржување (машински) постројки и системи и многу други ангажмани од инженерскиот делокруг на дејствување се секојдневие на инженерите. Тоа се нешта што живот значат за секоја заедница и неа ја профилираат и ја позиционираат на глобален план. Точно така, тоа е моќта на инженерите: непроценливо голема, исклучително благородна и секако, хумана.

Клучни зборови: