Постои директна врска помеѓу борбата против пиратеријата и развојот на економијата
Просечната стапка на пиратерија во светот изнесува 42%. Во ЕУ 33%, додека во Македонија 66% покажуваат податоците на БСА (Бизнис деловна алијанса). На глобалниот конгрес за борба против фалсификување и пиратерија кој се одржа во Истанбул беше истакнато дека пиратеријата влијае негативно на развојот на националните економии, на пазарот и на потрошувачите.
Конгресот го отвори турскиот премиер Реџеп тајип Ердоган, а на него министерот за трговија и царина Хајати Јазиџи истакна дека заштитата на интелектуалната сопственост е особено важна, бидејќи пиратеријата има негативни импликации не само кон економијата, туку и врз здравјето и безбедноста на потрошувачите. Генералниот секретар на светската царинска организација Кунио Микурија истакна дека фалсификувачите не обрнуваат внимание на правото,деловниот ферплеј и на отворањето на нови работни места.
Според Хуан Хардој директор во Мајкрософт одговорен за антипиратерија и дигитален криминал постои директна врска помеѓу економскиот развој и борбата против пиратеријата.Легализацијата на софтверот придонесува кон отворање на нови работни места, но и до зголемување на приходите од даноци. Со смалување на стапката на пиратерија на светско ниво за 10%, би се зголемиле приходите на глобалната економија за 152 милијарди долари, би се отвориле 500.000 работни места, исто така истакнувајќи дека Мајкрософт со секој заработен долар во една економија, овозможува економијата да создаде дополнителни девет долари. Во средини каде има висок процент на пиратерија, нема создавање на нови вредности, нема иновации, па според тоа ни развој смета тој.
Во Македонија постои тренд на намaлување на стапката на пиратерија, која во моментов е намалена на 66%, но потребна е подобра заштита на интелектуалната сопственост. Пиратеријата е светски проблем, и сите заедно е потребно да се борат за нејзино намалување, беше генералниот впешаток на конгресот во Истанбул. Процентот на пиратеријата не е толку поврзан со економскиот развој на една земја колку со тоа колку се почитуваат законите во една земја.
Пиратскиот софтвер им нанесува штета на сите, на програмерите, дистрибутерите, продавачите и особено на корисниците на софтверот.
Користењето на пиратски софтвер е поврзано со голем ризик бидејќи му недостигаат клучни елементи и документација и истиот не поседува никаква гаранција, а нетестираните и фалсификувани дискови може да се заразени со некој вирус кои ќе го оштетат дискот и ќе ја загрозат целата мрежа.Истовремено е доведена во прашање и безбедноста особено кога станува збор за плаќање со кредитни картички преку интернет, смета Хардој.