Рубрика: Астрономија и астронаутика
Магелановата струја
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 17.09.2014 - 13:14

Магеланова струја се нарекува долгата лента од меѓугалактички гас извлечен од Магелановите облаци: Големиот Магеланов облак и Малиот Магеланов облак, двете најблиски сателитски џуџести галаксии до нашата галаксија Млечен Пат. Струјата се протега во полукруг, на повеќе од 180° преку небото, вртејќи речиси околу половина од нашата галаксија Млечен Пат, на просечно растојание од нејзиниот центар на 180 илјади светлински години. Долга е околу 800 илјади светлински год., поминува низ двата Магеланови облака и продолжува понатаму на двете страни, така формирајќи “опашки”, од кои едната поминува под јужниот пол на нашата галаксија.
На сликата во прилог ја гледаме Магелановата струја, која иако е видлива исклучиво во радиоподрачјето, на сликата е покажана во оптички видливото подрачје, обоена со розова боја. Во преден план е покажана и нашата галаксија Млечен Пат. Двете џуџести галаксии, Големиот и Малиот Магеланов облак се гледаат како светли дамки близу десниот крај на струјата.
Но, како настанала оваа струја? Астрофизичарите сметаат дека таа настанала пред стотина милиони години, со извлекување гасовита материја од Магелановите облаци под дејство на интеракција со гравитацијата на нашата галаксија Млечен Пат. Меѓутоа, механизмот на оваа интеракција прецизно сè уште не е познат. Постојат две сценарија во тој контекст, околу кои научниците дебатираат и денес.
1. Сценарио: Гасот бил избиен од Малиот Магеланов облак под дејство на притисок, најверојатно во време на последното поминување на Магелановите облаци близу дискот на нашата галаксија, орбитирајќи околу неа.
2. Сценарио: Струјата е резултат од дејството на силата на плима од Големиот Магеланов облак врз Малиот Магеланов облак, со дополнително влијание и на интеракцијата од гравитацијата на нашата галаксија Млечен Пат, која го финализирала нејзиниот облик. Како поверојатно, астрономите го фаворизираат второто сценарио.
За да се открие потеклото на струјата, направени се опширни спектрографски истражувања со спектрографот вграден во орбиталниот телескоп Хабл, така што е анализирано придушувањето во светлинскиот спектар емитуван од бројни квазари лоцирани зад Магелановата струја, и резултатите укажуваат на тоа дека поголемиот дел од материјалот во струјата потекнува од Малиот Магеланов облак, па ете поткрепа на второто сценарио за потеклото на материјалот во струјата.
Меѓутоа, еве и изненадување: во најново време астрономите детектирале дека постојат ѕвезди во Магелановата струја! Како тие ѕвезди можеле да се формираат сосема надвор од дискот на нашата галаксија? Единствено објаснување е дека тие настанале со меѓусебен судир на гасот од Магелановите облаци со гасот од нашата галаксија, па според тоа, овие ѕвезди нудат увид во процесите кои се случувале во првобитниот универзум, кога малите галаксии меѓусебно се судирале формирајќи така гигантски галаксии, како што е нашата галаксија.