Веднаш по ИДФ во Сан Франциско нашата редакција е во можност на читателите да им претстави уште еден извонреден настан од областа на техниката. Овојпат се работи за еден од најголемите настани од областа на телекомуникациите, аудиото и видеотехниката, поточно за интернационалната конференција на бродкастери - ИБЦ, којашто секоја година се одржува во Амстердам, а на местото на настанот е нашиот соработник Милчо Узунов.
На почетокот на септември секоја година, 70 000 телевизиски професионалци, специјалисти за видео и дигитален филм и телевизиски менаџери се среќаваат во RAI центарот во Амстердам по повод IBC настанот којшто ги обединува годишната изложба на опрема и конференцијата за новите трендови, бизнис идеи и технолошки решенија. IBC е настан чијашто важност расте секоја година како расте важноста на областа којашто ја покрива, а којашто ги поврзува филмската технологија од една страна и компјутерскиот инженеринг од друга.
Напредокот на дигиталната филмска технологија го прави IBC интересeн и за филмаџиите, особено поради организацијата на посебната изложба “D-cinema”. Еден од новите трендови е мобилната телевизија - телевизија наменета за прием на мобилни телефони.
Конференцијата оваа година се одржува од 11 до 15 септември додека изложбениот дел е отворен за посета од 12 до 16 септември.
Опширен извештај за овој интернационален настан со огромно значење нашите читатели може да очекуваат во октомврискиот број на списанието.