Дизајнерите на хемиската компанија BASF ги претставија новите трендови за боите на автомобилите за сезоната 2014/2015. Со оглед на фактот што бојата на автомобилот емотивно се доживува, акцентот е ставен врз нагласениот индивидуализам со можноста купувачот сам да си ја одбере (искреира) нијансата за бојата на својот автомобил. Со други зборови, еднообразноста на боите и крутото диктирање на неколкуте нијанси од страна на производителите на бои веќе почнува да се потиснува. Акцент се става на индивидуалноста во креирањето на нијансите и, воопшто, во комплексноста на бојата. При ова се очекува и подобра продажба на автомобилите.
Не е доволно само да се привлече вниманието преку бојата на автомобилот, туку се бара да се направат и “драматични” ефекти, во смисла на поразличен поглед на нештата, а иновативните специјални ефекти се задолжени токму за тоа. На пример, новата колекција нуди новоразвиен XSpark премаз за специјален ефект. Овој премаз содржи многу фини честички на стакло коишто ја рефлектираат светлината и прават единствен отсјај кој е особено ефектен на сончевите зраци. Благодарение на овој специјален ефект, класичните бои како сина или сребрена се однесуваат сосема индивидуално. Притоа, тие бои ја нагласуваат геометријата на каросеријата и благодарение на извонредниот отсјај им даваат посебна живост на автомобилските површини. Се разбира, во понудата се и мноштво други иновативни ефекти коишто ја нагласуваат индивидуалноста, издвојувајќи се притоа од општото, што во секој случај, е целта на овие иновации.