И оваа година сме во можност нашите читатели директно да ги информираме за настаните од конференцијата ИДФ во Сан Франциско, која секоја година во септември се одржува во овој град. Имено, благодарение на нашите деловни соработници, “Примарк комуникации”, официјалната PR-агенција на Интел за Mакедонија, ЕМИТЕР ексклузивно ќе земе учество во овогодишната конференција, којашто ќе се одржи од 9 до 11 септември во Сан Франциско (САД) и од самото место ќе ги информира своите читатели за неколку од многуте настани што го одбележуваат тековниот ден. Задоволството е уште поголемо бидејќи ЕМИТЕР е единственото списание од Македонија коешто директно ќе ги следи овие настани, а неговите читатели ќе ја имаат повластената можност да се информираат директно, од прва рака, за овој, еден од најзначајните настани во годината од сферата на информатичката технологија. Овојпат од местото на настанот ќе известува нашиот долгогодишен соработник Костадин Солаков.
Што всушност претставува ИДФ? ИДФ (IDF), или Intel Developer Forum, е местото каде што луѓето од сите сегменти на информатичката и електронската индустрија се собираат за да разменат искуства, да се информираат како Интел ќе им помогне да создадат технологија што може да го промени светот. Конференцијата нуди ретка можност присутните да се вклучат во развојот и да се информираат за производите на Интел, независно од сегментот на компјутерските производи што ги интересираат. Веќе една и пол деценија конференцијата ИДФ на Интел е еден од најголемите настани во тековната година, којшто помага во обликување на насоката во која ќе се развива технологијата на иднината.
Овогодишниот настан е посветен на развојните инженери – нивните можности, нивните креации и идеи и благодатите од поврзувањето со милиони развојни инженери во светски рамки коишто учествуваат во екосистемот на архитектурата на Интел. Оваа година има најава за промена во организацијата, така што ќе има само едно големо воведно излагање на Бојан Крзанич и неколку негови специјални гости, што ќе се одржи првиот ден на ИДФ. Вториот и третиот ден ќе има таканаречени Мега-сесии, кадешто директорите од Интел ќе се фокусираат на технолошките трендови и иновации.
Оваа година Интел на ИДФ го обновува и доделувањето на годишните награди за технички иновации Technology Innovation Accelerated (TIA) Awards. TIA наградите се доделуваат во 10 категории и се посветени на најдобрите иновации кои во основа ги користат најновите технологии на Интел. Освен добитниците по категории, тројца најдобри ќе бидат избрани и од секоја група – хардвер, софтвер и комбинирани решенија. Финалистите за наградата ќе ги предложи панел од судии и ќе бидат најавени на 9. септември. За победниците ќе одлучат новинарите и аналитичарите коишто присуствуваат на ИДФ, а ќе бидат најавени вечерта на 10 септември.
За да бидете во тек со случувањата на секој од главните настани на овогодишниот ИДФ во Сан Франциско, следете ги новостите на нашата интернет-страница, како и објавите на нашата фејсбук фан-страница facebook.com/EmiterSpisanie. Се разбира, поопширен извештај за случувањата ќе има во следниот број на ЕМИТЕР.