Започнувајќи од денес, 21.08.2014 г., во организација на Агенцијата за електронски комуникации, во текот на наредните два дена ќе биде одржан регионален состанок на регулаторите за електронски комуникации на државите од регионот.
На регионалниот состанок на Националните регулатори за електронски комуникации, кој по втор пат се одржува во Скопје ќе бидат дискутирани поголем број на теми кои се од интерес за електронските комуникации во земјите од регионот. На состанокот ќе присуствува највисокото раководство на регулаторните тела од Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Албанија и Турција.
Помеѓу останатите теми од индустријата за електронски комуникации, значајна дискусија ќе се води за можноста на воспоставување на регионален договор за намалување на цените за услугите за роаминг кои ги нудат комерцијалните оператори од земјите кои присуствуваат на состанокот. За таа намена Агенцијата за електронски комуникации има подготвено студија за состојбата на цените на овие услуги за македонските корисници во државите кои присуствуваат на состанокот. Според студијата може да се заклучи дека македонските корисници плаќаат за услугите за роаминг многукратно повеќе од корисниците на истите услуги во земјите кои се членки на Европската унија каде постои регулација на роаминг услугите. Посебно многу висока цена се плаќа за роаминг услугите за пренос на податоци односно за роаминг интернет, за што корисниците од Македонија плаќаат и до 26 пати повеќе од корисниците од Европска унија.
На состанокот ќе бидат презентирани можни решенија кои би придонеле за намалување на цените за овие услуги за македонските корисници кои користат роаминг услуги во државите од регионот и обратно за корисниците од државите од регионот кога користат роаминг услуги во Македонија. На денешниот состанок се планира да се донесат конечни заклучоци кои ќе доведат до потпишување на договори кои ќе резултираат со решавање на проблемот со високите цени за роаминг услуги.
Една од темите на состанокот исто така ќе биде и поддршката на земјите од регионот во однос на пристапување на Република Албанија во Групата на независни регулатори (IRG) како земја член и Телото на европски регулатори за електронски комуникации (BEREC) како земја набљудувач, каде оваа година потпретседателско место има Роберт Орданоски, Директор на Агенцијата за електронски комуникации на Република Македонија.