Рубрика: Астрономија и астронаутика
Персеиди - редовни посетители на августовското небо
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 12.08.2014 - 15:29

Со сета еуфорија околу супермесечината викендов се подзаборави на еден редовен августовски спектакл на ноќното небо, метеорскиот дожд Персеиди.
Персеидите се еден од најблескавите метеорски дождови во годината и се случува секоја година во периодот од 9-ти до 13-ти август. Овој метеорски дожд всушност претставува остаток од кометата Свифт-Татл, а е именуван по соѕвездието Персеј. Ове се должи на радијантот односно привидната насока од којашто метеорскиот дожд се чини дека паѓа а којашто се поклопува со местото каде го лоцираме соѕвездието Персеј на ноќното небо, во правецот на североисточниот дел на небото на Северната хемисфера.
Иако во текот на годината небото го осветлуваат повеќе метеорски дождови, Персеидите се доста популарни за набљудување меѓу астрономите-аматери поради тоа што како што при нивниот врв на темното ноќно небо можат да се забележат и до 100 метеори во текот на еден час.
Како што веќе кажавме Персеидите се видливи исклучиво од Северната хемисфера. Mаксимумот е oвaа ноќ, помеѓу 12-ти и 13-ти август, a метеорскиот дожд во помал интензитет е видлив и во наредниве неколку дена. Доколку планирате да го набљудувате овој метеорски дожд, побарајте го на потег помеѓу радијантот (североисточниот дел на небото) и зенитот (точката во небото директно над вас). Нема потреба од некои особени астрономски пресметки. Дури и ако сте апсолутен астроном-почетник, без каква и да е апаратура, нема да го промашите спектаклот. Сè што ви треба е околина без светлосно загадување, мирна ледина и ќебе врз кое ќе легнете. Откако на вашиот ноќен излет надвор од градот ќе се испружите и ќе го пуштите погледот да талка по небото, сигурно за многу кратко време ќе бидете во можност да го лоцирате ноќниот спектакл.
За жал оваа година на глетката од кај нас пречи светлата Месечина која е 95,7 % полна, па така не сме во можност да уживаме во полниот сјај на Персеидите.
Како и да е, за заинтересираните и оптимистите во прилог е дадена табела со правецот и времето од каде се очекува метеоркиот дожд.