Рубрика: Омнибус
Болест на копче
Автор: Ирена Кацеска
Објавено на 26.06.2014 - 11:16

Современите домаќинства сè повеќе функционираат врз принципот “притисни на копче” и сè помалку можат да се замислат без некои апарати кои гарантираат покомфорен живот. Меѓутоа, технологијата е толку напредната, што многу често ја избегнува здравствената контрола. Поточно, многубројните лабораториски истражувања упатуваат на тоа дека зачестени се главоболките, недостатокот на енергија, исцрпеноста, па и некои видови малигни тумори, како последица на дејството на електромагнетното зрачење. Научниците сметаат и дека електромагнетните полиња ја намалуваат способноста на организмот за регенерација, бидејќи ја попречуваат работата на имунолошкиот систем, особено ноќе, кога се обновуваат клетките и зараснуваат раните.

Микробранова печка
Микробрановата рерна веќе ја обвинија за многубројни здравствени пречки, од уништување на витамините во млекото за бебиња до промена на аминокиселините во храната и влијание врз пејсмејкерите. Некои истражувања упатуваат на тоа дека со готвење во микробранова рерна, се менува молекуларната структура на храната и колку што е апаратот постар, расте веројатноста од пропуштање, поради што околу вратата на уредот излегува опасно електромагнетно зрачење. Затоа, се советува храната да отстои најмалку три минути по подготвувањето во микробрановата рерна, бидејќи овој начин на обработка на храната ги расфрла наоколу атомите и произведува слободни радикали, па посигурно е да се почека неколку минути, со цел слободните радикали пак да се врзат.
Од друга страна, некои научници сметаат дека микробрановата рерна само произведува топлина и дека штом ќе се исклучи, не претставува повеќе никаква опасност по здравјето. Експертите препорачуваат прописно растојание од еден метар од апаратот додека е вклучен и внимателно чистење на рачките од вратата. Пропустливоста на зрачењето може да се испита мошне едноставно – доволно е да се вклучи радио директно пред рерната. Ако нема пречки во приемот на програмата, рерната не емитува зрачење.

Телевизор
Колку што е поголема изложеноста на електромагнетното зрачење, толку е поголем ризикот, тврдат стручните лица. Факт е дека на зрачењето од телевизорот се изложуваме поинаку, односно повеќе отколку на зрачење од сите преостанати апарати во домаќинството. Затоа, најдобро е на “волшебната кутија” да се гледа како на екран од компјутерот, иако тој зрачи десетпати посилно. Поточно, на телевизорот треба да му се пријде со иста внимателност, имајќи го предвид фактот што со големината на екранот расте и изложеноста на електромагнетното зрачење.
Некои експерти советуваат нејверните гледачи да се опкружат со собни билки кои ги ублажуваат, односно ги впиваат опасните зрачења. Меѓутоа, други сметаат дека одбраната со билки е исто како да се користи чадор против атомска бомба. Во секој случај, препорачливо е да се седи на оддалеченост од најмалку метар и половина од телевизорот.

Фен за коса
Најголемиот проблем со фенот е фактот што го држиме многу блиску до главата. Електромагнетното зрачење кое се прима од овој апарат, оддалечен 30 cm од главата, неспоредливо е помало од вообичаеното растојание од 10 cm како што се користи. Сепак, експертите сметаат дека фенот за коса се користи многу кратко за да може да се прогласи за непријател на здравјето. Денес, најголемата опасност од апаратот кој дува топол воздух е сведена на оштетување на косата.

Електрично ќебе
Електричните прекривачи создаваат електромагнетно поле кое што непрекинато го оштетува организмот, го спречува обновувањето на клетките и го скусува мирниот сон, се наведува во еден извештај во Јапонија. Истражувачите покажале дека изложеноста на електромагнетно поле може да ги намали нивоата на хормоните за спиење, мелатонинот, во случај на инаку здрави лица. Во Токио се врши испитување дали електромагнетното зрачење може да биде опасно за плодот во развој.
Опасностите од електричните прекривачи се ограничени само затоа што денес веќе никаде не се користат често, а кај нас никогаш не биле премногу популарни. Сепак, на оние кои не можат без “мека греалка”, им се препорачува да го исклучат прекривачот штом ќе легнат в кревет или уште подобро, наместо него да набават потопло ќебе.

Радиобудилник
В кревет годишно поминуваме до 3000 часови, па оние кои покрај главата држат силен извор на електромагнетно зрачење, радиобудилник, можеби и не насетуваат во каква опасност се наоѓаат. На зрачењето најчувствителни се мрежницата на очите и епифизата во мозокот, а јачината на полето од над 20 волти ја зголемува и зачестеноста на заморот. Препорачливо е радиобудилникот да се држи оддалеченост од метар до метар и половина од креветот.