Оваа година шведската фирма за производство на автомобили “Волво” слави 50 години од претставувањето на првото детско седиште кое било вградено во автомобилот “Volvo PV 544”. Се работи за детско сигурносно седиште што го заштитува детето во случај на незгода со автомобилот. Иновативната безбедносна работа на Волво трае во континуитет, сè до денешни денови. Впрочем, денес користењето на детските безбедносни седишта е стандард и законска обврска за сите оние кои во автомобилот ги возат своите деца.
Последната иновација на “Волво” е детското седиште на надувување, кое кога е издишано не зазема голем простор и е универзално, т.е. може да се користи за сите автомобили, односно лесно се пренесува од автомобил во автомобил. Кога не е во употреба, лесно се сместува во соодветна торбичка која е многу згодна за манипулација.
Основните начела врз кои и денеска се придржуваат експертите од “Волво” за безбедност на деца и денеска се истите како и на почетокот. Тоа значи дека децата до 4 години мора при возењето да се свртени во спротивна насока од движењето на автомобилот. За тоа се конструирани специјални детски седишта, а своевремено во некои модели на автомобилите “волво”, предното десно седиште се завртува за 180° и на него се поставува обично детско седиште. Постарите деца треба да користат т.н. “бустер” детски седишта за да се обезбеди правилно користење на сигурносните појаси.
Првиот прототип на детското седиште бил инспириран од астронаутите кои патувале во вселената. Во 1967 година најден е начин совозачкото седиште да се заврти за на него да се постави обично детско седиште. Во 1972 година е конструирано првото детско седиште што се поставува спротивно од возењето на автомобилот. “Бустер” перницата се појавила во 1976 година и благодарение на неа децата можат да патуваат во насока на движење на автомобилот со користење на стандардниот сигурносен појас. Оваа перница го намалила ризикот од здобивање повреди поради неврзување со сигурносните појаси за дури 75%.
Сите овие иновации, а и многу други, придонесуваат за врвна заштита на децата при патување со автомобилите, што е огромен прилог во превенирањето на несаканите последици по животот на најмалите патници во автомобилите во случај на незгоди со автомобилот.