“Тојота” ги објави податоците прибрани од своите дилери, коишто покажуваат дека во минатата, 2013 година се продадени 1,22 милиони “Tојоти короли” во 150 земји од светот. Оваа бројка е за 5% поголема од онаа за 2012 година што е доказ за цврстите темели на кои е поставена програмата “Корола”. Секако, причина за овој успех е задоволството и верноста на купувачите, како и емотивната врска со овој бренд создавана во изминатите години во континуитет. За ова зборува и фактот што од претставувањето на овој модел во 1966 година, па до февруари 2014 година, продадени се вкупно 40 720 000 примероци, со што “Тојота Корола” се стекна со титулата на најпродаван автомобил на сите времиња.
Навистина, ова е многу значаен успех којшто бројките недвосмислено го потврдуваат. Тоа истовремено е и потврда за вистинскиот курс по кој се движи овој јапонски гигант во чии основи е вграден врвниот квалитет на неговите производи, темелното испитување на пазарот и на потребите на купувачите и соодветниот одговор што подразбира брзо лансирање на производ (или нов, подобрен модел) кој ги задоволува потребите и барањата на купувачот. Вклучувајќи го тука и секогаш непознатиот “X-factor” или, по нашки “среќа”, бројките покажуваат дека, сепак, тука се работи за нешто повеќе од обичен успех. Им честитаме на Тојота за овој успех кој треба да е меинстрим за сите оние кои на пазарот излегуваат со свои производи, и предизвикувајќи ја конкуренцијата се борат за своето место под сонцето. Тоа е она вистинското што мора да и се случи на секоја фирма.