Рубрика: Телекомуникации
5 ГОДИНИ Z3-SOTA 2009-2014
Автор: Владимир Ковачески
Објавено на 30.04.2014 - 16:15

Summits on the air (SOTA) е меѓународен натпревар за радиоаматерите и краткобрановите слушатели, чијашто цел е поттикнување и охрабрување на радиоаматерски врски во планинските области. Меѓународната радиоаматерска програма Summits on the air – SOTA или “Планински врвови во етерот”, во Р. Македонија започна на 1-ви мај 2009 година. SOTA е внимателно дизајнирана за да може секој да учествува, значи не е само за планинари! Постојат награди за активатори (оние кои се искачиле на врвови) и бркачи (chasers), коишто работат од дома, или од локален врв или, пак, се активатори на други врвови.
Во изминатите пет години, од вкупно 268 регистрирани планински врвови на територијата на Р. Македонија активирани се вкупно 136. Македонските радиоаматери реализирале вкупно 366 активирања од планинските врвови, сите на КБ (кратки бранови). Македонските радиоаматери оствариле радиоврски со 2506 активатори на планински врвови низ целиот свет. Македонските SOTA планински врвови беа активирани и од странски радиоаматери, и тоа од Словенија, Австрија, Швајцарија, Холандија и од Грција. Македонските SOTA активатори реализираа 7 активирања и од планински врвови во Грција и Германија.
SOTA е целосно оперативна во многу земји во светот. Секоја земја има своја асоцијација со којашто ги дефинира признатите врвови од SOTA во рамките на таа асоцијација. Секој од врвовите, во зависност од неговата висина, им заработува поени на активаторите и бркачите. Сертификатите се достапни за различни резултати, а конечно водат до престижните трофеи "Планинска коза" и "Колиба на мрзливецот". Списокот на сите пријавени активатори и бркачи се одржува на онлајн-базата на податоци на SOTA.
SOTA е направена така што е компатибилна со другите планински корисници.