Рубрика: Омнибус
Ајнштајн бил лош математичар!?
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 17.04.2014 - 16:31

Ова е една од бесмислиците која и годи на сечија суета бидејќи влева надеж дека без оглед на тоа колку единици имате на училиште, сепак постои некаква надеж еден ден да откриете некаква важна и значајна теорија и да добиете светски признанија.
Невистината за Ајнштајн која го “потпира” оваа тврдење гласи:
• Славниот физичар Алберт Ајнштајн бил лош математичар и бил релативно мрзлив.
• Народски кажано, кога бил ученик добивал единица по математика.
• Ајнштајн се “шверцувал” на факултет на сметка на брилјантниот математички ум на Милева Мариќ, која му била девојка, а подоцна и сопруга.
• Милева Мариќ му ги правела сите пресметки, а тој само ја собирал славата.
Ова тврдење е многу распространето. Така, ако на Google се напише реченицата: Ајнштајн бил лош математичар, се добиваат преку 500 000 линка, а ова го имало дури и во Риплиевата рубрика “Верувале или не”.
Вистина:
Ајнштајн бил одличен математичар. Кога веќе станал славен, бил шокиран кога му бил покажан напис со овие тврдења.
- Никогаш не сум имал единица и не сум паднал на математика. Пред да наполнам 15 години, го владеев диференцијалното и интегралното сметање – прокоментирал изненадениот Ајнштајн.
Вистина е дека Ајнштајн паднал кога првпат полагал приемен испит на Државната политехничка школа во Цирих во 1895. година, но во тоа време бил две години помлад од другите кандидати и не паднал поради математика. И уште нешто. Во основно училиште бил немирно љубопитно дете на кое му било здодевно на часовите, па затоа променил неколку училишта. Ајнштајн бил дислектичар и имал проблем со учењето јазици, како и со пишувањето и со читањето.

Алберт Ајнштајн, кој Нобеловата награда ја доби за откритието на фотоелектричниот ефект, а не како што вообичаено се мисли за неговата Теорија на релативитетот, се упокои на 18. април 1955 година.