Рубрика: Астрономија и астронаутика
Вечерва порамнување на Сонцето, Земјата и Марс
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 08.04.2014 - 20:32

Денес, 8 април, ќе бидеме сведоци на космички настан кој се случува еднаш на секои 26 месеци, порамнување на Марс со Сонцето и Земјата.
Црвената планета денес се наоѓа точно наспроти Сонцето на небото на Земјата, формација позната како опозиција на Марс. Спектаклот ќе може да го следите во живо вечерва во 1 часот по полноќ (23.00 по ГМТ) на www.virtualtelescope.eu и events.slooh.com
За време на опозицијата, Марс ќе биде 10 пати посјаен од ѕвездите со сјајност од магнитуда 1, а некои детали од површината ќе можат да се следат и со малку поквалитетен аматерски телескоп.
Како што појасни астрономот од Slooh, Боб Берман “Марс е единствената планета во вселената чиишто различни и понекогаш детални површински карактеристики можеме да ги забележиме преку нашите телескопи. Тој исто така е небесно тело коешто во познатиот универзум најмногу наликува на Земјата, со кислород заробен во неговата почва, и вода заробена во неговиот мраз.
Токму поради ова, кога е најблиску до нас на секои 26 месеци, оваа планета заслужува да се најде во центарот на нашето внимание. Оваа година на ведрото небо може да го најдете веднаш до “алфа”-ѕвездата Спица во соѕвездието Девица, создавајќи впечатлив портокалово-син контраст забележлив преку целата ноќ, кој е невозможно да го “утнете”.
Опозицијата на Марс се случува една недела пред најблиското приближување на Црвената планета на Земјата. Имено, на 14 април, Марс ќе биде оддалечен само 92 милиони километри од нас, што е приближно 60 отсто од растојанието помеѓу Земјата и Сонцето. Доколку патеките на планетите околу Сонцето би биле кружни, а не елиптични, опозицијата и најблискиот пристап би се случувале во истиот ден.

Клучни зборови: