Рубрика: Автомобилска техника
Porsche BOXSTER E
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 03.04.2014 - 12:35

Во “Порше” наголемо се вршат тестови на прототипот за новиот електричен погон на моделот "Boxster E". Се работи за чисто електричен погон на спортскиот автомобил. Сериозно се работи, а за тоа говори фактот што во оваа, прва фаза ќе се настојува радиусот на возење да е 300 km, а во иднина тој да порасне на 400 km со едно полнење на литиум-железо-фосфорните батерии.
Се работи за погон со два електромотора, од кој едниот е поставен на предната осовина, а другиот на задната осовина. Вкупната моќност на електромоторите е 241 КС, а тоталниот момент е 539 Nm. Максималната брзина на електромоторите е 12 000 вртежи во минута. Електронски управуван едностепен преносник кој се наоѓа на средината од автомобилот е задолжен за синхронизација на двата електромотора и оптимална дистрибуција на моментот од електромоторите. Со тоа се осигурува максимална стабилност при возењето и максимална тракција на автомобилот. Нема класичен менувач на брзини, т.е. класичен преносник. Погонот е на сите четири тркала. Перформансите се одлични за овој вид погон. Од 0-100 km/h развива за 5,5 секунди, а максималната брзина е 200 km/h. Сопирањето има можност за реверзибилно кочење, што е еколошки прифатливо и притоа се наголемува радиусот на движење затоа што има поврат на енергијата.
Претставниците на “Порше” најавуваат дека овој автомобил е планирано да се најде во продажба за неколку години. Во тоа не се сомневаме, исто како што не се сомневаме во максималното спортско уживање при возењето на овој суперспортски чисто електричен автомобил.

Клучни зборови: