Рубрика: Информатика
Македонски наставници со 1. место на Светски образовен натпревар
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 28.03.2014 - 18:08

Во конкуренција од над 1100 учесници од 97 земји, двајца македонски наставници го освоија првото место на глобалниот едукативен натпревар на Мајкрософт, кој се одржа од 11-14 март во Барселона. Дарко Талески и Софија Грабулоска се наставниците од Македонија кои ги споделија своите иновативни идеи за тоа како технологијата да помогне во образовниот процес и беа прогласени за најуспешни во категоријата „Collaboration“. Покрај нив, на овогодинешниот 9-ти Глобален едукативен натпревар во организација на Мајкросфт, учество зема и Весела Богдановиќ – овогодишен победник на македонскиот државен натпревар од вкупно 186 проекти кои конкурираа на програмата Microsoft Educator Expert
„Горди сме на наградата со која се закитија нашите професори. Нивната креативност и упорност, дополнително не охрабрува и понатаму да ги поддржуваме сите идеи со помош на кои технологијата ќе го помогне и подобри процесот на едукација. Мајкрософт на глобално ниво во полето на образованието инвестираше над 750 милиони долари во изминатите 10 години, а ние како локална канцеларија веќе 4 години сме посветени на нашата стратегија за инвестирање во Мајкрософт програми во образованието и склучување на други форми на државни и јавни партнерства, за што досега вложивме над половина милион долари.
Во таа насока, Мајкрософт во Македонија бесплатно ја нуди и својата Office 365 cloud базирана платформа за колаборација и зголемување на продуктивноста во работењето на сите образовни институции. Уште пред две години, обезбедивме бесплатни e-mail и календар (Live@Edu) за средношколците и студентите, а сега е планирано проширување на оваа програма со тоа што на сите нив ќе им се овозможи бесплатно користење на сите алатки за продуктивност, колаборација и комуникација од пакетот Office 365. За реализација на овој потфат веќе доставен и формален предлог до Министерството за Образование и Наука на Република Македонија и очекуваме дека со Министерството наскоро ќе го потпишеме Договорот за соработка за реализација на овој проект “, изјави Стефан Плавјански, генералниот директор на Мајкрософт за Македонија.
„ Со години Microsoft преку своите програми за образование, блиску е поврзан со сите учесници во образовниот процес пружаjќи константна помош во процесот на прифаќање и користење на нови пристапи во образованието, пред се преку користење на технологијата со чија помош кај учениците поефективно се развиваат т.н. вештини од 21-от век. Напорот се исплатеше. Победата која ја постигнавме на глобалниот форум, кој на едно место ги собра глобалните лидери во оваа област, ја покажа агилноста и посветеноста на нашите наставници кои направија навистина многу во процесот на внесување иновации во предавањата, како и ефективна примена на технологијата во процесот на учење. Да бидам искрена, јас лично сум многу горда што ја имав таа прилика да ги идентификувам овие наставници-херои, да ги поддржувам и заедно со нив да ги претставиме нашите најдобри наставни техники и практики на глобално ниво. Сега е од исклучителна важност ова знаење и искуство да го примениме на национално ниво, да го подигнеме нивото на работа на наставниците и целата образовна заедница и со помош на владините институции да ја започнеме оваа промена со која ќе бидеме препознаени како земја лидер во пошироки рамки “, изјави Влора Адеми, менаџер на академските прогрaми на Мајкрософт за Македонија
„Овој светски настан беше исклучителна можност за споделување на мноштво иновациии и знаења од областа на образованието, а беа презентирани 260 проекти од 90 земји ширум светот. Проектот со кој ние ја претставивме нашата земја носи наслов „Ова е мој глас“ и беше причина името на нашата држава да биде испишано на гала вечерта на доделувањето на престижните награди, во конкуренција на најголем број проекти досега презентирани на овој форум. Долготрајната работа, љубовта и посветеноста кон професијата, слободата и мотивираноста за сопствено креативно изразување на нашите ученици беа главниот носител на оваа заедничка победа за нас како наставници и ученици од Македонија. Радосен сум што овие наши заложби беа потврдени и наградени на единствениот настан за иновации во образованието во светски рамки” – изјави Дарко Талески, еден од двајцата наградени наставници.
Целта на овој форум е споделување на најдобрите образовни пракси, размена на искуства и оддавање признание на најинвентивните училишни лидери и наставници, кои на најдобар начин преку технологијата им помагаат на учениците да го остварат својот потенцијал.
За мала земја како Македонија, која заостанува со економскиот развиток, образованието е една од клучните алки во развојот и подобрувањето на општествениот статус. Токму професорите со својата особено важна улога во процесот на правилно насочување и образување на децата можат многу да помогнат, и токму поради тоа Мајкросфт и понатаму ќе остане доследен на својата определба да биде поттикнувач на позитивни процеси во општеството.
Македонија досега учествуваше на Светскиот натпревар со проектите„Бабини игри“ и „Stop Motion Animation“ – кои беа наградени на европските и светските натпревари на Мicrosoft во 2010, 2011 и 2012 год, што е показател за тоа дека и Македонија поседува високо квалитетни наставници со големи амбиции, креативност и знаења.