Трките со електрични формули (Formula E) се на прагот да влезат и да се реализираат како натпревари под покровителство на Светската автомобилска асоцијација (FIA), и тоа на голема врата. Имено, на 2 јануари годинава, во Donington Park, во Велика Британија започнаа градежните работи за изградба на нова тркачка патека наменета исклучиво за електричните F болиди. Градежните работи треба да завршат на крајот од април, за веќе од први мај да може да се користи новата тркачка патека. Се работи за комплетна инсталација за нормално одвивање на натпреварите, која ќе биде опремена со работилници, придружни службени објекти и сервисни работилници како и боксови за тимовите. Вкупниот број на персонал кој ќе ги опслужува болидите извесува 150 луѓе.
Веќе се формирани 10 натпреварувачки тимови, а во подготовка се и обемните тестирања на електричните болиди кои ќе продолжат на терен на оваа патека по нејзината изградба. Според правилата на FIA, електричните болиди мора да развиваат брзини поголеми од 225 km/h за да имаат право на учество на трките и, воопшто, да можат да се сметаат за Formula E болиди.
Биле разгледувани повеќе локации за изградба на првата тркачка патека за електричните формула болиди низ Европа, но одлуката Велика Британија да биде земјата во која таа ќе се изгради е донесена врз основа на фактот што оваа земја има најразвиена индустрија за проектирање и производство на F1 болиди, што би било заокружување на една функционална целина по основа на минимум трошоци.