Германската фирма "Ауди" позитивно изненади на Интернационалното мото шоу во Детроит што се одржа во месец јануари, оваа година. Се работи за концепт со хибриден моторен погон и погон на сите четири тркала, кој може да се вози на сите патишта (allroad). Како тоа изгледа, може да се види во продолжението од текстов.
Моторниот погон е хибриден и се состои од 4-цилиндричен TFSI попречно поставен мотор СВС и два електромотора, од кои едниот е поставен до замаецот на моторот СВС и истовремено се користи и како генератор на електрична енергија, а другиот е поставен на задната оска и ги погонува задните тркала. Првиот електромотор испорачува 40 kW силина и момент од 270 Nm, а вториот (задниот) испорачува 85 kW и момент од 270 Nm. Ова значи дека при заедничко дејство, моторниот погон испорачува 408 КС (300 kW) со камионски момент од 650 Nm. Батериите се литиум-јонски и имаат капацитет од 8,8 kWh, што е доволно за да се совлада распон од 50 km само на електричен погон – идеално за градските средини. Забрзувањето од 0-100 km/h е за 4,6 секунди, а максималната брзина е електронски ограничена на 250 km/h. Потрошувачката на гориво е неверојатно ниска и изнесува 1,9 lit/100km, што одговара на емисија на CO2 од 45 g/km. Вкупниот домет на автомобилот е 820 km.
Што се однесува до стилот на возењето, овозможени се три режими. Првиот е EV режим, кој подразбира исклучиво електричен погон кој се реализира само преку задниот електромотор (предниот електромоторен погон не е активен). При ова се остварува максимална брзина од 130 km/h. Вториот режим е хибриден при што предниот електромотор, кога тоа е потребно, работи во режим на генератор полнејќи ги батериите, а кога е потребно делува како електростартер за моторот СВС. Третиот режим е Sport, т.е. спортски, при кој моторот СВС и задниот електромотор делуваат во спрега (синергиски) постигнувајќи ги притоа, на барање на возачот, максималните перформанси на автомобилот.
Слободно може да се каже дека се работи за многу интересен концепт со врвна технологија и врвни софтверски решенија. Исто така, сигурно е дека оваа технологија наскоро ќе доживее промоција и во сериските модели на овај познат автомобилски бренд.