Веројатно сето ова на многумина им е познато. Тие нека се потсетат, а оние кои не го знаеле нека го зголемат своето знаење. И едните и другите внимавајте, бидејќи подобро е да се спречи, отколку да се лечи. И уште нешто. Овие предупредувања повеќе се однесуваат на оние кои ја поминале триесеттата година од животот. Кога треба особено да внимавате?
Веднаш по будењето наутро
Шансите за инфаркт растат за околу 40% по будењето. Причина за ова е што тогаш телото започнува да лачи адреналин и некои други стрес-хормони, а крвта е погуста, и срцето потешко ја испумпува. Ова се случува и затоа што сте делумно дехидрирани. Затоа, пред спиење напијте се чаша вода, оставете си повеќе време за станување и полека разбудете се. Ако вежбате наутро, загревајте се подолго и побавно, за да не го оптоварите срцето.
По обилен оброк
Обилните, високомасни оброци ги затнуваат артериите. Секогаш кога ќе се прејадете, доаѓа до оптоварување на срцето. Ако веќе уживате во гурмански оброк, барем обидете се да ги ограничите порциите.
При ненадејно и напорно вежбање или физички напор
Ако по неколку месеци интензивно излежување се одлучите да истрчате 10 километри или да ја прекопате бавчата, можно е да се соочите со срцев удар. Тоа се случува заради фактот што по долг "мрзлив" период, одеднаш го подложувате телото на голем напор, што го подигнува нивото на стрес до неверојатни граници. Редовното вежбање го заштитува срцето. Но, многу е важно интензитетот на вежбите да го зголемувате постепено. Невозможно е да се подготвите за маратон во една недела.
Нагла промена на температура
Влегувањето од претопла просторија на студено, и обратно, доведува до нагло стеснување на крвните садови, што доведува до тоа да дојде помалку крв во срцето, но и во мозокот. На ова особено треба да се внимава во денови кога температурата е над 40 степени, а влегувате или излегувате од климатизирана просторија или автомобил
При настани поврзани со фобии
Притисокот и пулсот одат угоре, нивото на стрес расте при влегување во авион, во ситуација кога се плашите од летање итн. За да го заштитите срцето во високостресните ситуации врз кои немате контрола, најдобро е да земете таблета за смирување.
Понеделник наутро
Погореспоменатите состојби се особено страшни во понеделник наутро. Постои причина што сите го мразат почетокот на работната недела. Според статистиката, во понеделник се случуваат 20% повеќе срцеви удари, отколку во кој било друг ден. Ова делумно се должи на депресијата и на нервозата поради враќањето на работа. Затоа, релаксирајте се во недела, но не спијте до доцна. Доколку се преспиете за време на викендот, а потоа се разбудите рано во понеделник, ќе добиете уште повисок крвен притисок и уште поголемо оптоварување на срцето. Обидете се да држите приближно исто време на станување за време на викендот како и секој ден.