Од 24 до 26 април, во Скопје, по втор пат ќе се одржи студентска конференција на тема "Енергетска ефикасност и одржлив развој". Конференцијата е организирана под покровителство на Факултетот за електротехника и информациски технологии – Скопје (ФЕИТ), во соработка со Македонската секција на ИЕЕЕ.
Енергетската ефикасност и одржливиот развој се две светски актуелни прашања на кои активно се работи и во Македонија и во светот. Целта на оваа конференција е на едно место да ги обедини студентите, претставниците од академската средина и компаниите коишто се занимаваат со проблематиката на енергетската ефикасност и одржливиот развој, за да се претстави нивната работа и да се овозможи научно-истражувачка работа во оваа област.
На конференцијата може да учествуват сите студенти, додипломци и постдипломци кои сакаат да изработат и да достават труд на некоја од темите на фокус на конференцијата, претставници од академската средина кои се занимаваат со оваа проблематика и сите компании коишто во текот на своето секојдневно работење применуваат методи кои се поврзани со енергетската ефикасност и одржливиот развој.
Пријавувањето се врши преку испраќање на формуларот за апликација кој е поставен на веб-страницата на конференцијата каде што се поставени темите на предметен фокус на конференцијата, како и упатство и насоки за пишување на трудовите. Рокот за пријавување е до 25.2.2014.
Учествувај и ти на Втората студентска конференција "Енергетска ефикасност и одржлив развој"!
За подетални информации и пријавување, посетете ја веб-страницата на конференцијата skeeor.feit.ukim.edu.mk