Македонски Телеком е првата компанија во Групацијата Дојче Телеком со мрежа целосно базирана на интернет протокол (ALL IP). Модернизацијата на мрежата започна во октомври 2011 година и за само 25 месеци, сите 290 000 линии беа мигрирани на новата платформа. Сега може да се нудат услуги како што се широкопојасни услуги на барање.
Компанијата инвестираше 13 милиони евра, инвестиција што е значајна не само за Македонски Телеком, туку и за Македонија, која стана првата земја во Европа со мрежа целосно базирана на интернет протокол.
"Работиме на пан-европска мрежа која е целосно базирана на интернет протокол. Оваа мрежа ќе ги интегрира мобилните комуникации и фиксната мрежна технологија. А тоа ќе овозможи нов продукциски модел базиран на cloud“ – изјави Клаудија Немат, Член на Одборот на Дојче Телеком за Европа и технологија. Нашата цел е до крајот на 2018 година, нашите корисници низ цела Европа да бидат мигрирани на интернет протокол. Поради тоа искуството од Македонија е од огромна вредност. Миграцијата кон мрежа целосно базирана на интернет протокол е голем предизвик. Со нејзиното успешно воведување, нашите колеги од Македонија се вистински пионери.“
“Иако бројот на мигрирани корисници е мал во споредба со Германија, тимот се соочи со истите предизвици со кои ќе треба да се соочат и колегите во поголемите земји. Нашите колеги од Македонија меѓу другото мораа да најдат решенија за контрола на летови, алармни системи или големи претпријатија”, рече Немат. “Ќе продолжиме да учиме од нив во наредните месеци. Македонија е нашиот IP ‘hot spot’, претставува одличен пример и повторно докажа дека сме на водечка позиција во Европа.”
IP технологијата користи интернет протокол за пренос на говор, што овозможува да се користат услуги од новата генерација и така да се одговори на сé поголемите потреби на корисниците во иднина.
Новата технологија ги замени дигиталните централи, односно PSTN технологијата со која воведувањето на нови производи и услуги на пазарот е многу побрзо од претходно. Со IP, ваквите воведувања на нови производи и услуги можат да се направат само за неколку дена. Исто така, ќе се овозможи и одличен аудио квалитет при разговор, пристап до различни услуги преку само еден уред, побогато портфолио на мултимедијални, конвергирани услуги, широкопојасен интернет за секој корисник како и Cloud услуги и итна ИТ поддршка преку далечински пристап за бизнис корисниците. IP мрежната технологија овозможи воведување на Интернет по потреба, целосно нов концепт кој им овозможува на корисниците онлајн да нарачаат пристап на интернет со голема брзина секогаш кога им е потребен со само еден клик.
И ова е само почеток, оваа технологија во иднина ќе овозможи обезбедување на уште повеќе услуги како подобрување на образованието и на здравствените услуги, поефикасно управување со енергијата, итн.
"За нас, секој корисник е важен, а сега преку новата IP платформа, буквално секој ќе може да ги користи услугите на новата генерација, брзо, квалитетно и ефикасно. А тоа е и нашата цел, преку вложување во новите технологии, да овозможиме најдобро корисничко искуство. IP ги брише географските граници и е основа за сите идни услуги, а Македонски Телеком е многу напред, не само во регионот, туку и во рамките на Европа, и горди сме заради тоа. “ – изјави Андреас Маиерхофер, Главен извршен директор на Македонски Телеком.
Миграцијата на Македонски Телеком кон мрежа целосно базирана на интернет протокол обележува успешен почеток на стратешката одлука на Дојче Телеком да се придвижи кон миграција на мрежи целосно базирани на интернет протокол во сите подружници на европските интегрирани пазари. Како дел од IP трансформацијата, оваа миграција се одвива паралелно и во други земји. Кон крајот на 2014 година, Словачка ќе биде следниот пазар кој ќе може да рече, "PSTN – 0 клиенти, IP – сите корисници." Следната година ќе следат Хрватска и Црна Гора, а потоа Унгарија. До 2018 година се очекува да заврши миграцијата во Романија, Грција и конечно Германија.