Рубрика: Омнибус
ЕМИТЕР ја продлабочува соработката со ФЕИТ
Автор: Слободан Таневски
Објавено на 10.02.2014 - 12:23

Соработката помеѓу ЕМИТЕР и Електротехничкиот факултет во Скопје е започната уште со излегување на првиот број на списанието, кога на Институтот за електроника беше одржана мала промоција по тој повод. Во овој период на соработка кој, еве, трае речиси деветнаесет години еден голем дел од проектите и статиите објавени на страниците на ЕМИТЕР биле напишани од поранешни, тогашни, но и сегашни студенти, магистранти, асистенти и професори од овој реномиран факултет. Исто така, дел од проектите за електронски уреди биле тестирани во лабораториите на овој факултет.
Од неодамна, ЕМИТЕР и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) решија да ја официјализираат, продлабочат и да ја подигнат на повисоко ниво оваа долгогодишна соработка. Во оваа насока беше потпишан и официјален меморандум за соработка во којшто се дефинираат заедничките активности.
Полето на соработка опфаќа организација на семинари и работилници заедно со други субјекти; објавување статии во списанието ЕМИТЕР од студенти, асистенти и професори на ФЕИТ; учество во заедничката организација на трибини, работилници и натпревари; презентација на активностите на ФЕИТ на страниците на ЕМИТЕР и неговата веб-страница како и презентација на списанието ЕМИТЕР на веб-локацијата на ФЕИТ; заемно информирање за настани од интерес како предавања, семинари, одбрана на магистерски и докторски трудови од делокругот на електротехниката и информациските технологии итн.
Како дел од оваа соработка е опфатена и позачестена презентација на практичните проекти и истражувања на коишто работат студентите од ФЕИТ, како и нивните исклучителни семинарски и дипломски трудови, секако прилагодени на форматот и стилот на ЕМИТЕР. Целта е да се поттикне и да се подигне на повисоко ниво творештвото на студентите, односно тие да навлезат подлабоко во изработката на проекти и начинот на нивна презентација, нешто што би било секојдневие во нивниот понатамошен професионален ангажман како инженери, иноватори, менаџери, асистенти, професори... Исто така значајна димензија на оваа активност е тоа што објавените студентски трудови ќе добијат и реална валоризација меѓу читателите и што ќе послужат како инспирација за идните генерации студенти и електроинженери.
За да се запознаат со можноста за презентација на нивниот труд на страниците од ЕМИТЕР сите студенти на ФЕИТ на почетокот на овој втор семестар ќе добијат по еден бесплатен примерок од списанието, заедно со леток со основните информации за соработка, а подетални информации им се достапни преку пристап на банерот на ЕМИТЕР којшто е поставен на веб-страницата на ФЕИТ.
www.emiter.com.mk
http://www.feit.ukim.edu.mk

Клучни зборови: