Со цел да им помогнат на организациите во донесувањето подобри и поинформирани одлуки за купување и обезбедување на оптимален перформанс за нивните клауд-апликации, корпорацијата Интел најави дека ќе соработува со 16 испорачувачи на клауд услуги (CSP) од целиот свет и ја прикажа програмата "Intel Cloud Technology". Оваа иницијатива, која е прва од ваков вид, ќе им овозможи на корисниците на клауд-услуги јасен увид во технологијата која ја користат испорачувачите пред да купат какви било услуги.
Приходот од инфраструктурата како услуга (IaaS) се очекува да порасне за 41 отсто годишно до 2016 година, и сé повеќе компании размислуваат за пренесување на ИТ-услугите надвор од компанијата. Токму затоа, технологијата зад клауд услугите и апликациите е поважна од кога било. Испорачувачите кои учествуваат во програмата на Интел ќе се препознаваат по значката "Powered by Intel Cloud Technology", а перформансите и безбедноста на хардверот се транспарентни за крајниот корисник.
Оваа програма на Интел е само продолжение на соработката, која беше најавена минатиот септември помеѓу "Амазон Веб Услуги" (AWS) и Интел, за прикажување на придобивките околу спецификациите, перформансите, квалитетот и безбедноста на заедничките производи.
За програмата се пријавени Virtustream (САД); Canopy, ATOS (Велика Британија); Cloud4com (Чешка); CloudWatt (Франција), Expedient (САД); KIO Networks (Мексико); KT (Кореја); LocaWeb (Бразил); NxtGen (Индија); Online.net (Франција); OVH (Франција); Rackspace (САД); Savvis, компанија од CenturyLink (САД); Selectel (Русија); Telefonica (Латинска Америка); и UOLhost (Бразил).
"Исто како при изборот на возило, моторот кој раководи со клауд услугата драстично влијае врз работата и ефикасноста“, изјави Џејсон Ваксман, потпретседател на Групацијата за центри на податоци и генерален директор на Групацијата за клауд платфоми во Интел. "Потрошувачите за клауд услуги сакаат да знаат каква технологија управува со нивните апликации зашто тоа има директно влијание врз нивната работа. За прв пат, корисниците ќе имаат транспарентност и ќе одбираат од технологиите кои се оптимални за работа на клауд серверот".
И најмалата промена во клауд серверот може да влијае врз продажбата на веб-страници за онлајн-трговија. На пример, "Shopzilla" го зголеми приходот за 12% со забрзување на отворањето на страницата од седум на две секунди. За претпријатијата и другите ИТ-купувачи кои ги проценуваат хибридните или јавните клауд услуги, испорачувачите на услуги кои се учесници во програмата на Интел ќе обезбедат детални информации, хардверски карактеристики, софтверски и мрежни можности кои може значително да влијаат врз апликациите, трошоците и искуството на крајните корисници.
Испорачувачите ќе ги промовираат придобивките на Интел клауд технологиите. Можностите кои се достапни денес се: Intel Turbo Boost Technology, Intel Advanced Vector Extensions (AVX), Intel Data Protection Technology with Advanced Encryption Standard New Instructions (AES-NI), и Intel Virtualization Technology (VT).
Интел планира и кампањи за директен маркетинг и учество во маркетинг активностите на испорачувачите на услуги и партнерите во програмата сè со цел да ги едуцираат потрошувачите за технологиите и нивното влијание врз перформансот на апликациите. Подоброто разбирање на можностите ќе му помогнат на корисникот на клауд услугите да направи подобар избор, што за возврат ќе доведе до поголема заштеда.
Во програмата на Интел ќе биде вградена алатката Intel Cloud Finder, која на крајните корисници преку комплексниот процес на препознавање на оптималните клауд услуги им нуди споредба на повеќе од 50 испорачувачи на клауд услуги за 80 потреби на крајните корисници. Новата карактеристика ќе им овозможи на крајните корисници да одберат "пробна" можност за овие услуги. Можноста да се "испробаат" услугите пред да ги купат ќе им помогне на оние кои ги донесуваат одлуките во ИТ-технологијата подобро да ги разберат технологиите и да се осигураат дека услугите се најдобриот избор за нивната работа.