Рубрика: Информатика
Моќта на цвеќето од Парот
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 17.01.2014 - 12:21

Француската технолошка компанија Парот, творецот на AR.Drone quadricopter, е производител и на безжичниот монитор на растенија којшто работи во координација со соодветната iOS апликација.
Опишан како "паметен безжичен сензор" којшто користи блутут нискоенергетска технологија (Bluetooth Low Energy – BLE), FlowerPower користи четири вградени сензори за следење на светлината, температурата, нивото на ѓубриво во саксијата и влагата во почвата во која се засадени цвеќињата за над 6000 растенија од повеќе од 2000 растителни видови.
Кога еднаш ќе го забиете уредот во избраната саксија со цвеќе и ќе го поврзете со компатибилен iOS уред преку апликацијата FlowerPower, сензорот ќе ги анализира условите во кои се одгледува растението на секои 15 минути, испраќајќи ги добиените отчитувања на секои два часа во базата на податоци некаде во облакот на Парот.
Кога на растението му е потребна вода, ѓубриво, сенка или сонце, до iOS уредот пристигнува push mail известување, а корисниците имаат можност да ги следат истовремено и добиените изминати податоци и податоците во живо.
Апликацијата FlowerPower овозможува и пристап до информации за одредени специфични растенија, вклучувајќи и подолг опис и база на податоци за која компанијата вели дека се ажурира секојдневно.
Сензорот FlowerPower користи една ААА батерија која на корисникот ќе му трае до шест месеци. Уредот е целосно водоотпорен и затоа може да се користи како за собни, така и за градинарски растенија. Од Парот тврдат дека производот работи идеално кога е поставен на 5-10 cm од растението што го следи, независно дали тоа е засадено во саксија или директно во почвата.
Засега FlowerPower може да го користат само оние со iOS уреди, но од компанијата најавуваат дека наскоро апликацијата за негова примена ќе биде достапна и за оние со Андроид паметни телефони или таблети. iOs апликацијата е компатибилна со iPhone, почнувајќи од генерацијата 4S па нагоре, третата генерација на iPad и поновите негови верзии, со iPad mini и петтата генерација на iPod touch.
Уредот е достапен во пастелни нијанси на кафена, зелена и сина боја.