Колку ќе успееме во реализирање на нештата, зависи од зрелоста на личноста и од нејзината способност самата себеси да се мотивира.
За да имаме успех во животот и во работата, многу е важно да бидеме истрајни во она што го преземаме. Со други зборови, важно е да имаме добра и силна мотивација, односно важно е да знаеме и да сакаме себеси да се мотивираме.
Еден стар римски поет кажал мудра изрека, која би било добро да ја имаме запишано на својата работна маса. Таа гласи: "С è што ќе си нареди – човечкиот дух ќе го оствари". Акцентот тука е на самомотивацијата. Тоа што јас си го наредувам и она за што со цело срце ќе се одлучам, тоа лесно и ќе го остварам. Кога нешто навистина сакам и кога сум подготвен за тоа да платам голема цена, тогаш целата неупотребена енергија, афективен и интелектуален потенцијал, се активираат во мене и почнуваат да работат за мене. Ако некој друг ми нареди дека нешто морам да направам, а јас тоа лично не го прифаќам, од тоа нема да биде ништо. Доколку нареди некој кој има сила, кој може да ве казни, тогаш луѓето ќе го прават она што мораат за да ја избегнат казната. Меѓутоа, штом ќе помине опасноста од казна, луѓето веќе нема да го прават она во што не се уверени дека е добро и дека треба да го прават. Многу често ја слушаме изјавата "Сто пати му реков и повторно не го направи тоа". А некогаш е доволен еден збор за да н è послуша. С è зависи од зрелоста на личноста и од нејзината способност самата себеси да се мотивира.
За да се мотивираме одвнатре за некоја работа или промена во животот, мораме да ги вклучиме сите димензии на својата личност. Прво, треба да почнеме од духовната димензија, а потребно е уште да ги вклучиме умот и срцето, волјата и чувствата. Човекот е разумно суштество и затоа е потребно добро да ги сфати предноста и користа што ќе ги има ако нешто одлучи и на тоа потполно се предаде. Освен разум, човекот има и срце, кое исто така мора да се служи со разумот. И дури кога тоа ќе се случи, кога и со срцето ќе го прифатиме сето она што разумот решил дека е добро за нас, тогаш тоа своеволно ќе го прифатиме и тогаш нашите емоции ќе работат за нас.
Мотивацијата која во себе вклучува позитивни аспекти, големи цели и радост, кои н è чекаат на крајот од вложениот труд, се големи и се посилни од мотивацијата која н è застрашува со казни и со други репресивни мерки.