SmallHD DP7-PRO HB-SX е монитор, кој нуди големи можности, а притоа е едноставен за користење. Наменет е воглавно за надворешни снимања бидејќи сликата на екранот е видлива и при многу сончево време. Спред оние кои се познавачи на ваквиот вид опрема, а имале можност да го видат, велат дека е ова интелигентно направена алатка која дава многу можности, и секој долар кој ќе го дадете за неа се исплати повеќекратно.
Зашто ви е потребен ваков добар монитор? Кога снимате, многу е битно да ја знаете вистинската состојба бидејќи, во спротивно, одредени грешки никогаш не ќе можете да ги коригирате. Особено е критично ако немате добар монитор кога сакате да направите добри HD снимки. Добриот монитор, како што е впрочем SmallHD DP7-PRO HB-SX, ви овозможува сигурност во работата, и во тој случај вашата креативност доаѓа до израз.
Со осум паметно осмислени копчиња на предната страна од екранот добивате уред што секој снимател би посакал да го има. Сакате да го смените влезот? Нема никаков проблем. Со едно кликање работата е завршена. Сакате да запамтите одредена положба од кадрирањето? И за тоа има решение. Сето тоа можете да го снимите и подоцна да го прочитате од SD-картичка. Кога човек ќе го проучи, има впечаток дека овој мал монитор направен со напредна технологија може да ги исполни речиси сите желби на корисникот. Притоа можете да го користите и надвор и во студио, а можете да поврзете и два одеднаш на камерата со која снимате. На предната страна има вградено повеќе сензори за мерење на брзината на движење, за мерење на амбиенталната температура и друго. Направен е од цврст издржлив и квалитетен материјал и лесно се поврзува. Има мени со многу можности.
Работејќи со овој уред имате впечаток дека тој што го измислил и го дизајнирал нашол решение за секој проблем со кој се сретнува снимателот. Веројатно и затоа е толку скап. Чини 3000 долари!
– Скап е, затоа што го бива за сè. Единствено не може да ви го шета кучето, – се пошегувал некој што го рекламирал овој мал паметен видеомонитор. Има и уште една маана: би било убаво да е нешто поголем од 7 инчи!
Други карактеристики:
Резолуција: 1280x800; Контраст: 800:1; Димензии: 18,5cm x 13cm x 2,3cm; Тежина: 236g; Потрошувачка: 24-Watt; Влезови: SDI (BNC) (2), HDMI, Battery Input (4-pin Molex connector for battery), SD Card; Излези: SDI (BNC), HDMI.