Рубрика: Медицина
Жените се хранат поздраво од мажите
Автор: Ирена Кацеска
Објавено на 24.12.2013 - 15:12

Американските научници открија дека машките и женските тела реагираат сосема различно на иста храна. Жените по правило повеќе размислуваат за здравата исхрана од мажите, но американските научници тврдат дека тоа има повеќе врска со телото отколку со волјата.
Тестовите извршени на глувци докажале дека поради хормоналните разлики, пиењето исто количество алкохол ги доведува жените во поголема опасност од оштетување на црниот дроб. Истражувачите од Универзитетот во Пенсилванија го набљудувале нервот кој од мозокот поминува низ грлото, хранопроводникот, белите дробови, панкреасот, срцето, црниот дроб, сè до системот за варење. Овој нерв е мошне важен за варењето и се активира во текот на консумирањето храна. Истражувачите ја набљудувале неговата работа кај мажите и кај жените за време на нормална состојба и при отежнати услови, а ја мереле и брзината на празнење на желудникот.
Кога кај мажите работата на овој витален нерв била попречена, празнењето на желудникот доцнело, но кај жените истиот проблем не предизвикал никакви промени.
Кога нервот ќе почнел нормално да работи, мажите произведувале повеќе инсулин и повеќе полипептиди од панкреасот. Според мислењето на истражувачите, ова е главната причина за различниот вкус во исхраната што владее меѓу половите.
Во текот на посебна студија на Универзитетот во Питсбург, истражувачите го набљудувале влијанието што го има алкохолот врз мажите и жените. Имено, етанолот, активна состојка на сите алкохолни пијалоци, има убиствено дејство врз црниот дроб. Во текот на 30–дневно консумирање алкохол, глувците развиле симптоми поврзани со сериозното консумирање алкохол, како што е воспаление и здебелување на црниот дроб. Но, интересно е дека природниот генетски механизам кој го штити црниот дроб од алкохолните оштетувања не е толку ефикасен кај жените како што е кај мажите. Нивниот залкучок бил дека сите жени се изложени на поголем ризик од оштетување на црниот дроб отколку мажите што пијат исто количество алкохол.