Рубрика: Аудио и видеотехника
Првиот закривен Ultra HD телевизор од 105 инча
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 23.12.2013 - 12:18

Компанијата LG Electronics (LG) најави дека на претстојниот Меѓународен саем за потрошувачка електроника (CES), кој ќе се одржи во почетокот на јануари во Лас Вегас, ќе го претстави првиот закривен Ultra HD телевизор, 105UB9, со однос на екранот од 21:9. Овој премиум телевизор исто така е и прв закривен Ultra HD модел со дијагонала од дури 105 инча, што го прави најголем закривен телевизор направен кога било.
Според производителот, покрај широкиот агол на гледање, телевизорот на гледачот ќе му понуди феноменален квалитет на сликата со можност за прикажување и на најмалите детали со величествена јаснотија. Кино-пропорциите на CinemaScope дисплејот (21:9) овозможуваат неверојатно искуство на гледање филмови, додека проширените димензии ќе им овозможат на корисниците непречен пристап кон различните информации од страничниот дел на екранот, без прекин и нарушувања на претходните активности.
Со резолуција на екранот од 11 милиони пиксели (5120 x 2160), моделот 105UB9 претставува успешна соработка на сестринските компании LG Electronics и LG Display. За да се реализира закривеноста на телевизорот, воведена е нова технологија со цел да се задржи структуралната целина и да се овозможи еднаква боја и бистрина преку големата површина на екранот. До сега при изработката на закривени екрани најчесто беа користени OLED панелите, со оглед на нивната способност да генерираат сопствена светлина. Меѓутоа, LG Display го надмина предизвикот на нееднакво заднинско осветлување преку усовршување на својата TFT (Thin Film Transistor) технологија со цел да се спречи прелевањето на бојата и да се обезбеди супериорно искуство за гледачите буквално од секој агол.
Посетителите на штандот на LG на саемот CES од 7. до 10. јануари ќе имаат можност да се уверат во квалитетот на единствените производи на јужнокорејскиот гигант.