Рубрика: Електроника
Семинар за софтверски дефинирани РФ системи
Автор: Слободан Таневски
Објавено на 06.12.2013 - 16:24

Во организација на регионалното претставништво на National Instruments ќе се одржи семинар посветен на софтверски дефинираните РФ (радиофреквентни) системи. Семинарот ќе се одржи во различни термини во повеќе градови во Србија (Белград, Ниш и Нови Сад), а во Скопје е закажан за 10.12.2013 во конференциската сала на Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ, поранешен ЕТФ).
Семинарот ќе трае од 9 до 14 часот и ќе биде поделен на два дела. Првиот дел ќе содржи теоретско-информативни излагања со многу практични демонстрации и анализи на различни кориснички решенија. Ќе бидат опфатени следните теми:
• Вектор сигнал-анализатори и сигнал-генератори, мрежни анализатори и останати елементи на РФ и микробрановите системи (засилувачи на моќност, атенуатори, преселектори, мултиплексери, куќишта, контролери...);
• Софтверски алатки за интерактивни мерења (слични на традиционалните инструменти) и API за примена на специфични функции на хардверот;
• Библиотеки за различни радиокомуникациски стандарди – GPS/GLONASS, WLAN, WiMax, LTE;
• Примена на кохерентни повеќеканални системи (MIMO);
• Континуирано снимање и репродуцирање на широкопојасни сигнали;
• Онлајн обработка на сигналот и hardware-in-the-loop (HIL) РФ системи (FPGA технологија);
• Портирање алгоритми пишувани во други опкружувања (C, Matlab, VHDL,...).
Вториот дел од семинарот ќе биде практична работилница кадешто посетителите ќе бидат во можност да тестираат концепт на софтверско дефинирано радио со помош на NI USRP и LabVIEW развојно опкружување.
Оние што се заинтересирани за овој бесплатен семинар можат да се пријават на следниве адреси:
ni.serbia@ni.com
dusan.vukasinovic@ni.com