Во рамките на неделата на јавниот сектор, вчера и денес се одржа регионална конференција под наслов "Вистински импакт за подобро владеење", организирана од Мајкрософт, а во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација на Република Македонија.
Конференцијата на едно место обединува експерти за решенија во јавниот сектор од Мајкрософт, претставници на владите на Македонија, Косово, Бугарија, Албанија и Босна и Херцеговина, ИТ-компании од Македонија и регионот, кои презентираа најдобри практики и решенија коишто имаат единствена цел подобрување на капацитетот, ефикасноста и квалитетот на владините институции и единиците на локалната управа.
"Преку прифаќање на програмите за отворено партнерство за владеење, платформи за интероперабилност, најновите "клауд" технологии, воведување на принципите за кибер безбедност и заштитата на личните податоци, се обезбедува поефикасна, поефективна и покомпетитивна администрација, што е и цел на секоја влада", беше истакнато на конференцијата.
Свои обраќања имаа министерот за информатичко општество и администрација на Македонија, г. Иво Ивановски, министерот за транспорт и комуникации на Македонија, г. Стефан Плавјански и г. Александар Бајков од Мајкрософт Македонија и повеќе други лица кои ја истакнаа улогата и значењето на напредната информатичка технологија во јакнењето на капацитетот на администрацијата. Преку примери и практики беа презентирани проекти со чие спроведување се јакне транспарентноста, се поттикнува иновативноста и се креира ефикасна администрација.
"Мајкрософт има 25-годишно искуство во соработката со различни влади во светот, период во кој има креирано различни информатички услуги земајќи ги предвид специфичните потреби на секоја влада. Услугите треба да бидат лесно достапни за граѓаните на целата територија на државата, а токму користењето на клауд-платформата ќе понуди поквалитетни сервиси за граѓаните за помалку пари. Мајкрософт ќе остане посветен на креирањето решенија за донесување подобри одлуки и за обезбедување уште поквалитетни услуги за поефикасна државна служба во Македонија", изјави менаџерот на Мајкрософт за Македонија и Косово, Стефан Плавјански.
"Транспарентноста е најголемата вакцина за корупцијата. Токму со тоа мото продолжуваме да го изработуваме новиот Закон за отворени податоци, што наскоро ќе биде достапен за граѓаните и ќе може да видат кои институции во кој рок во дигитален формат ќе ги отворат сите информации што се јавно достапни за граѓаните според Законот за слободен пристап до информации. Со тоа секој ќе може да ги користи податоците и да генерира апликации и содржини што ќе придонесат за повисок бруто-домашен производ. Користењето на клауд-платформата е веќе започнато во неколку институции. Се искористуваат решенија засновани на клауд-платформа, со тоа што ќе се следи ефикасноста од користењето на овие технологии и колку ќе има заштеда институцијата за да се направи квалитетна стратегија во соработка со Светската банка, за што се понуди да помогне Мајкрософт" – изјави министерот за информатичко општество и администрација на Македонија, г. Иво Ивановски.
Македонските институции имаа можност да споделат искуства со претставници од земјите во регионот, а исто така интересни презентции на иновативни решенија применети во нивните институции имаа Маја Парнаџиева Змејкова – директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Дејан Рајчановски – советник на генералниот директор на Царинската управа на Македонија, Ивана Симиќ – ИТ-менаџер на Советот на министри на БиХ, Ивајло Манџуков – ИТ-менаџер во Министерството за финансии на Бугарија и други.