Моември, но во декември. Лекари-специјалисти, актери, пејачи, новинари и други познати личности по вторпат ќе дебатираат за машкото здравје. Здружението ПРЕВЕНТУС ја продолжува традицијата. Денес во 16.30 во меморијалниот центар "Никола Кљусев", веднаш до Домот на АРМ, почнува финалниот настан посветен на Моември. Сите заинтересирани можат да дојдат и да научат нешто за машкото здравје и за светската кампања, но и да уживаат во заедничкото дружење.
Едукација и забава на едно место, најавуваат организаторите од Здружението за здравствена превенција и социјална заштита на граѓаните ПРЕВЕНТУС. На настанот отворено ќе се дискутира и ќе се дебатира за кардиоваскуларните болести, еректилната дисфункција, болестите на простатата, ќелавоста. Актерите, пејачите и останатите познати личности ќе проговорат за тоа како тие се грижат за себе.
"Минатата година имаше голем интерес. Се надеваме дека и овој пат сите урбани и свесни мажи, но и жени, ќе ја поддржат кампањата со своето присуство. Целта е превенција на болестите преку едукација и знаење", објаснува Анастасија Јовановска, генерален секретар на ПРЕВЕНТУС.
Дебатата за машкото здравје претставува врв на активностите што се организираа во текот на целиот ноември, односно Моември.
"Според анкетата поставена на нашиот здравствен портал preventus.mk - Колкупати сте посетиле уролог?, 64% гласале ниту еднаш, 32% само кога имале проблем и 4% редовно прават рутински преглед. Ова се факти коишто говорат дека свеста кај мажите за нивното здравје е на ниско ниво", рече Ристо Гапиќ, извршен директор на ПРЕВЕНТУС.
Минатата година Скопје благодарение на ПРЕВЕНТУС за прв пат го доживеа Моември. Гости на настанот беа водителот и колумнист Огнен Јанески, кој и годинава ќе биде заштитно лице, како и актерите Гораст Цветковски и Борче Начев, раперот Тони Зен, водителот Роберт Јанков од "Здраво Македонијо" на Канал 5 ТВ, младиот пејач и текстописец Даниел Дан, како и водителот, Димитар Атанасовски. Присутните кои имаа мустаци добија и награди и изненадување од пријателите на ПРЕВЕНТУС.
Оваа година стапките на Здружението за здравствена превенција и социјална заштита на граѓаните ПРЕНТУС се обидоа да ги следат уште неколку групи и организации со помали настани, со што кампањата доби на масовност.
"Тоа е и нашата основна цел. Иницијалната каписла ја пуштивме ние, а сега многумина се обидуваат да нè следат. Тоа е и добро, значи дека сме поблиску до целта, колку повеќе се говори за машкото здравје, толку ќе бидеме позаштитени. Знаењето и превенцијата се најбитни", вели Мики Трајкоски, проектен менаџер во ПРЕВЕНТУС.
Светската кампања започна во 2003-тата и оттогаш ноември се одбележува како "машки" месец за зголемување на свеста за рано откривање на машките болести како рак на простатата, еректилната дисфункција, машкиот климактериум, ќелавоста, ХПВ, кардиоваскуларните болести, стресот, ‘рчењето.