Т-Мобиле Македонија за своите корисници овозможи пристап до 4G-мрежа. Во прво време, 4G-мрежата ќе биде овозможена во поголемиот дел на Скопје (Центар, Карпош, Аеродром, К.Вода) и Маврово. Во понатамошниот период, 4G-мрежата постојано ќе се надградува со цел таа да биде достапна за сите корисници на оваа компанија на територијата на Република Македонија.
Пристапот до 4G зависи од поддршката на самите мобилни уреди, затоа 4G ќе може да ја користат само оние корисници чиишто уреди ја поддржуваат оваа мрежа. Од Т-Мобиле информираат и дека корисниците кои имаат СИМ-картички набавени пред 2009 година ќе треба нив да ги заменат со нови, за да можат да го користат 4G-пристапот.
Т-мобиле обезбеди и листа на мобилни уреди кои поддржуваат 4G, таа е достапна на страницата http://bit.ly/1apxCce.
Притоа тие ветуваат посебна надградба на софтверот за моделите на Samsung и Apple, на којашто веќе се работи, така што ќе се обезбеди пристап до 4G-мрежата на T-Mobile и за овие уреди. Корисниците на овие модели ќе бидат дополнително известени за тоа кога да извршат надградба на софтверот на своите мобилни уреди.
4G-мрежата ќе овозможи побрз и поквалитетен пренос на податоците преку мобилните уреди, како и услуги што сегашната технологија не може да ги овозможи со доволно добар квалитет, како што е, на пример, телевизијата (видео) со висока (HD) резолуција.