Рубрика: Автомобилска техника
Хибриден хидрауличен погон
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 22.11.2013 - 13:09

Германскиот добавувач на системи за автомобилската индустрија "Бош" и францускиот производител на автомобили PSA (Пежо и Цитроен) ги здружија силите во осмислувањето и реализирањето на нов хибриден погон за мали автомобили, кој е комбинација на мотор СВС и хидрауличен погон (види на сликите). Прецизно кажано, на моторот СВС му е додадена комплетна хидраулична компонента, со што при "наполнет" хидрауличен акумулатор, автомобилот може без помош на моторот СВС да се движи по градските улици со пристоен радиус на движење, кој сепак зависи од капацитетот на акумулаторот за притисок.
За моторите СВС најнеекономичниот режим на работа е токму возењето во градските средини каде што сообраќајот секогаш е густ. Тоа значи постојани забрзувања и кочења на автомобилот и постојано возење во режимот "тргни-застани". Инерцијалните сили при забрзувањето значително ја наголемуваат потрошувачката на гориво, а истите тие сили при кочењето остануваат неискористени и расипнички – преку произведената топлина од кочниците, се расфрлаат во природата. Со овој систем, ставен е крај на тоа расипништво. Имено, при градско возење моторот СВС е исклучен (неговите значителни инерцијални сили се исклучени и не сметаат, т.е. неговите подвижни делови мируваат), а погонот е чисто хидрауличен, што подразбира возникнување на релативно мали инерцијални сили од хидрауличниот погон (од хидраул. мотор и маслото). Потоа, при сопирање и забавување кинетичката енергија преку пумпата за масло се претвора во енергија од притисок во акумулаторот, за притисок што претставува речиси целосен повраток на енергијата која потоа се користи за забрзување и возење (совладување на отпорите на движење). При ова, се проценува дека заштедата на гориво при градско возење би била од 30 до 45%.
Се поставува прашањето зошто да се развива хибриден хидрауличен погон со оглед на тоа што истиве ефекти може да се добијат со хибриден електричен погон. Аргументите се следниве: протокот на електричната енергија во акумулаторите при кочење и забавување е многу ограничен, т.е. релативно мал, а со тоа мал е и повратот на енергија затоа што од неа мораме во добар дел да се откажеме. Тоа е првиот хендикеп. Вториот е што полнењето и празнењето на електричните акумулатори е проследено со значително поголеми загуби во однос на загревањето на маслото и гасот при компримирањето на гасот во акумулаторот за притисок. Трето, комплетната маса на хибридниот хидрауличен погон е многу мала во споредба со комплетната маса на хибридниот електричен погон, т.е. таа е помала од 100 kg, што за електричниот погон со акумулатори, во овој момент, е недостижна.

Клучни зборови: