Држачите за автомобилски мотори се еластичната врска помеѓу моторот и каросеријата, или шасијата. Моторот при неговата работа вибрира, и затоа држачите се карактеризираат со релативно голема еластичност и релативно голема динамичка носивост. Од извонредно голема важност е да ги придушуваат вибрациите на моторот за што помалку од нив да бидат пренесени на каросеријата, и да бидат во функција дури и во случај на судар. За да ги задоволи овие спротивставени барања, држачите за моторот се изработуваат од комбинација на гумени елементи и челични лимови. Недостатоци на ваквите држачи се ограничениот век на траење, скапото производство и повременото сервисирање, т.е. нивна замена со нови.
ZF се погрижи тоа да стане минато. Произведе еластичен држач од комбинација на стаклени влакна и полиамид. Полесен е за 25% во споредба со класичниот еластичен држач. 100% се рециклира, што е значаен придонес за почиста околина. Вибрациите еднакво добро ги придушува како и класичните гумени држачи. Големите светски производители на автомобили веднаш пројавија интерес за овие држачи и веќе се во фаза на тестирање во 6 компании, меѓу кои и кај електричното возило на Нисан – Рено. Листата на возила кои би ги користеле овие држачи е сè поголема, а тоа е возможно благодарение на неговата модуларна градба.
И уште еден интересен податок. Комплексниот CAD модел на овој држач е тестиран во реални услови врз основа на најновите интегративни симулациски CAD алатки. Ова резултира со прескокнување на една многу скапа и долга процедура на тестирање, а тоа е фазата на изработка на прототип и неговото тестирање. Придобивките се повеќе од значајни: тоа се драстично намалената цена на држачот (многу помали вложувања во фазата на проектирање и испитување), како и значителното скратување на времето од идеја до готов производ, што денеска е императив за производителите.