Рубрика: Астрономија и астронаутика
Делумно затемнување на Сонцето в недела
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 01.11.2013 - 15:13

Во недела на 3. ноември Месечината ќе го затскрие Сонцето предизвикувајќи затемнување кое ќе биде видливо од источнниот дел на Северна Америка сè до Блискиот Исток.
Хибридното затемнување на Сонцето, какво што ќе се случи в недела, е релативно ретка појава. Се работи за астрономски настан кој ќе започне како ануларно, прстенесто затемнување со типичен "огнен прстен" за потоа постепено да се претвори во целосно затемнување на Сонцето како што сенката од Месечината ќе го изминува патот по површината на нашата планета.
Што ќе може да се набљудува зависи од местото на коешто ќе се наоѓате при овој настан. Па така, астрономите, (но и обичните смртници ;)) од источниот дел на САД, североисточниот дел на Јужна Америка, Јужна Европа, Блискиот Исток и од поголемиот дел од Африка ќе бидат сведоци на делумно затемнување на Сонцето. За тоа време луѓето од подрачјето на централниот дел на Африка ќе имаат можност да го набљудуваат целосното затемнување на Сонцето за неколку мига.
Притоа ако сакаат да го набљудуваат настанот оние од американскиот континент ќе треба да станат мошне рано, бидејќи тој ќе биде видлив при изгрејсонце и ќе трае сè на сè 45 минути. Патеката од којашто ќе може да се набљудува целосното затемнување почнува некаде над Атлантскиот Океан, во близина на источниот брег на САД и потоа преку океанот поминува низ Габон, Демократска Република Конго и неколку други африкански држави, за на крајот да заврши некаде над јужниот дел на Етиопија и Сомалија, каде што настанот ќе биде видлив околу зајдисонце.
Кај нас, делумното затемнување на Сонцето ќе може да се набљудува од 14:17 часот сè до 14:42 часот.
Доколку планирате да го набљудувате делумното затемнување, следете ги следниве правила: Никогаш не гледајте директно во Сонцето, ниту со голо око, а особено не со телескоп или двоглед доколку тие не се опремени со соодветни филтри. Доколку сакате безбедно да го набљудувате затемнувањето тогаш тоа може да го сторите со употреба на соодветни сончеви филтри за вашата опрема или пак со помош на затемнети очила за заварување доколку набљудувате со голо око. Имајте на ум дека обичните очила за заштита од Сонце не нудат доволна заштита.

Клучни зборови: