Оваа е најдобрата фотографија на Марсовата месечина Фобос, која ја направило некое европско вселенско летало. Изработена е од камерата со висока резолуција (High Resolution Stereo Camera - HRSC) на леталото Марс Експрес, за време на неговата 756-та орбита, и тоа на оддалеченост од само 200 километри од површината на сателитот.
Она што е посебно кај оваа фотографија е тоа што на неа многу убаво се гледаат чудните паралелни линии кои, скоро на еднакво меѓусебно растојание, се протегаат по целата површина на Месечината. Европските научници во наредниве неколку месеци ќе бидат доста зафатени со проучувањето на оваа фотографија, во надеж дека таа ќе им помогне да определат дали тие формации настанале пред или по создавањето на големите ударни кратери на Фобос, а со тоа и да решат една од многуте мистерии врзани за овој сателит.
Фобос е поголемиот од двата сателита на Марс. Тој орбитира околу планетата на просечна далечина од 9 350 km. Карактеристично за овој сателит е неговата орбита. Таа не е правилна (елиптична, како и кај другите небесни тела), туку спирална, што значи дека со текот на времето Фобос полека паѓа кон површината на Марс. Според тоа, Фобос својот животен век ќе го заврши или со удар во површината на својата матична планета, или, пак, ќе биде растргнат од гравитацијата на Марс и претворен во привремен систем на прстени.
На фотографијата е прикажана страната на сателитот која е свртена кон Марс, а резолуцијата е 7 метри на пиксел.